Ivana Ramadanova
10 Март 2017•Ажурирај: 11 Март 2017
СКОПЈЕ (AА) - За ВМРО-ДПМНЕ, презентираната програма што би ја имала идната влада на СДСМ претставува политички памфлет, а партијата воедно го повтори предлогот да ја отфрлат платформата на албанските политички партии и да прифатат поддршка од страна на ВМРО-ДПМНЕ за малцинска влада или да се оди на нови предвремени избори, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Денес Заев еден час се трудеше преку читање партиски памфлет да ја увери јавноста, а тоа можеше да го направи само со една минута – да се откаже јасно и гласно од платформата во Тирана. Истиот овој Зоран Заев, кој во Швајцарија зборуваше за кантонизација на Македонија, денес во седиштето се заплетка во обидот политичкиот став и одлуки да ги сокрие зад идните дебати на експертите од повеќе страни и политички партии“, рече Антонио Милошоски.
Тој побара од Заев да не ја потценува интелигенцијата на македонските граѓани и доколку сака да ги убеди дека води политика што е корисна за Македонија, тоа да го докаже со „јасно отфрлање на платформата од Тирана", која, како што рече, претставува „платформа на туѓа држава и нема место во унитарна Македонија."
„Заев уште еднаш потврди дека не го почитува мислењето на граѓаните и дека е уценет и со измама, на штета на државните и националните интереси сака да се дограби до власта. Изборна измама значи кога на изборите ќе победите со една програма, а по изборите ќе прифатите уцена за да дојдете на власт и ќе спроведувате друга програма од којашто не сакате да се откажете. Затоа Заев денеска не собра храброст да ја отфрли јасно платформата од Тирана и сите елементи што се содржани во неа“, рече Милошоски.
Милошовски истакна дека излез од кризата гледа доколку СДСМ ја прифати поддршката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за да станат малцинска влада, но само доколку не прифатат платформа од друга држава.