„Армијата е подготвена да го штити територијалниот интегритет на Македонија"
„Од своето осамостојување до денес Македонија води политика и гради систем што ќе овозможи нејзина целосна евроатлантска интеграција, во согласност со нејзините интереси, потреби и можности“, рече претседателот ИвановIvana Ramadanova
10 Март 2017•Ажурирај: 10 Март 2017
SkopjeСКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на свеченост по повод 25-годишнината од преземањето на караулата „Рамна нива“ во близина на Крива Паланка, од страна на припадниците на АРМ и подигнувањето на знамето на Република Македонија на државната граница, од каде порача дека армијата е подготвена да го штити територијалниот интегритет и независноста на Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Знамето што пред четврт век се крена тука, на Рамна нива, претставуваше јасна и недвосмислена порака дека ова е територија на суверена и независна држава, држава која е мирољубива и отворена за соработка со сите добронамерници. Но, истовремено, држава со своја сопствена армија која е подготвена по секоја цена да ги штити територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија“, порача претседателот Иванов.
„И денес, како и пред четврт век, се соочуваме со предизвици. Но, и денес, како и пред четврт век, ја имаме Армијата на Република Македонија, која е заштитник од заканите, гордост на граѓаните и надеж за мир во земјата. Армијата даде најголем придонес за исполнувањето на високите стандарди на полето на одбраната, а тоа се покажува и со успешното и професионално справување со заканата од илегалната миграција на нашата јужна граница“, рече Иванов.
„Од своето осамостојување до денес Македонија води политика и гради систем што ќе овозможи нејзина целосна евроатлантска интеграција, во согласност со нејзините интереси, потреби и можности“, рече претседателот Иванов.
„Односот меѓу активната и резервната компонента на Армијата на Република Македонија мораме да го трансформираме во согласност со мисијата и со задачите на АРМ, приспособени за ефикасна одбрана на целата територија на Република Македонија. Во функција на ова, приоритетна цел за нас ќе биде одбранбеното планирање, кое јасно ја дефинира потребата од изедначување на оспособеноста и опременоста на резервата на ниво на активната компонента“, истакна претседателот.
Покрај претседателот Иванов, на воената свеченост присуствуваше и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, генерали од АРМ, Командата на резервните сили, претставници од МВР, локалната самоуправа, од Организацијата на резервни воени старешини и други гости.
По повод 11. Март – денот на Командата на резервните сили на АРМ, им беа доделени стимулативни награди на припадниците од единицата за остварени резултати во работата, и им беше оддадена почит на загинатите борци за слобода на Република Македонија и на загинатите припадници на АРМ.