Admir Fazlagikj
05 Септември 2016•Ажурирај: 06 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) – На претстојните предвремени парламентарни избори во Република Македонија, кои според договорот на политичките партии ќе се одржат на 11 декември, право на глас ќе имаат 1.770.736 граѓани, што би значело 9.392 помалку гласачи од изборите во 2014 година, соопшти Државната изборна комисија (ДИК), пренесува Anadolu Agency (AA).
Најголемо намалување на гласачите, речиси за 8.000, има во првата и во втората изборна единица, во Скопје и во Куманово. ДИК соопшти дека избирачкиот список го доставил до политичките партии на 30 август.
Според предвиденото (неофицијалниот предизборен календар), Собранието на Република Македонија би требало да се распушти на 12 октомври, а предизборната кампања на партиите би требало да започне на 21 ноември.
На 18 ноември, во дневен печат, ДИК треба да ги објави листите со кандидати за пратеници на политичките партии кои ќе учествуваат на изборите.
Прочистувањето на избирачкиот список беше една од спорните точки во Договорот од Пржино што го потпишаа лидерите на четирите најголеми партии во земјава, ВМРО-ДМПНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, со посредство на претставниците на меѓународната заедница.
Република Македонија се наоѓа во политичка криза по предвремените парламентарни избори што се одржаа во 2014 година. Оваа година, земјата веќе ја водеше преодна Влада, но по одложување на изборите, кои беа предвидени за 5 јуни, Собранието ги прифати претходно предадените оставки на министрите од опозицијата.
Инаку, Собранието на Република Македонија на 2.09.2016 година ја избра преодната Влада, која треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори на 11 декември, како што потпишаа четирите најголеми политички партии во договорот од 20 јули.