Ivana Ramadanova
05 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - По повод најавените парламентарни избори, Советот за етика во медиумите на Македонија – СЕММ денеска, во просториите на ЕУ Инфо центарот во Скопје одржа прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Драган Антоновски од Управниот одбор на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ги потсети медиумите за големата улога и обврските за професионално информирање, како и за придонесот во подобрување на состојбите во медиумската сфера.
„Затоа сакам да укажам на обврската за објективно, етичко и професионално информирање и да им се даде простор на сите кои се на политичката сцена, особено вклученост на граѓаните за да можат правилно да изберат во интерес на државата. Како СЕММ, ги повикуваме медиумите да се држат до својата главна обврска, односно да информираат, а не да ги лажат граѓаните, да им дадат простор на сите учесници на политичката сцена, отворено да се дебатира пред јавноста, како и да ги почитуваат стандардите на професионалното известување“, вели Антоновски.
Како што информираше претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, Комисијата годинава имала 89 претставки, а од почетокот на нејзината работа биле примени 130 жалби.
„Комисијата работеше и летово, добивме десетина жалби. Можам да кажам дека во врска со претставките и натаму доминираат порталите, поради тоа што тие не се регулирани. Во наредниот период очекуваме зголемување на бројот на претставки.
Најголемиот број претставки се однесуваат на отсуството на втора страна во текстот, мешање на мислењето со фактите, присуството на говор на омраза како и на дискриминацијата“, вели Адамчевски.
Советот за етика во медиумите во февруари иницираше потпишување на Повелба за етичко известување за изборите на комерцијалните медиуми. Повелбата ја потпишаа 32 медиума и Здружението на приватни медиуми на Македонија, кое обединува околу 60 регионални и локални медиуми.