Ahmed Gouda
29 Ноември 2023•Ажурирај: 30 Ноември 2023
ГАЗА (АА) – Палестинската група на отпорот Хамас ги повика медиумите да го зголемат своето присуство во Појасот Газа и да го видат степенот на уништувањето предизвикано од Израел во енклавата од почетокот на војната на 7 октомври, пренесува Анадолу.
„Ги повикуваме новинарите и меѓународните медиумски агенции да го интензивираат своето присуство во Појасот Газа за да го видат степенот на деструкција и знаците на геноцид извршени од [израелската] окупација и нејзината нацистичка војска врз децата, беспомошните цивили и целата инфраструктура“, порачаа од Хамас.
Во соопштението се посочува на „откривањето десетици тела на палестински цивили под урнатините во подрачјето на Сабра и другите области на градот Газа, и обемот на уништувањето на Исламскиот универзитет, кој е една од најважните научни институции“.
Хамас рече дека уништувањето „го потврдува ужасот на она на што е подложено населението на Газа во војната - геноцид, чија цел беше да ги турне во егзил“.
Катар доцна во понеделникот објави договор за продолжување на почетната четиридневна хуманитарна пауза во борбите меѓу Израел и Хамас за дополнителни два дена, со понатамошна размена на затвореници.
Израел започна голема воена кампања во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш во израелските напади загинаа 15.000 луѓе, од кои 6.150 деца и 4.000 жени, според здравствените власти во енклавата.
Бројот на загинати во Израел, според официјалните податоци, изнесува 1.200.