Nuray Tunçay
27 Јули 2016•Ажурирај: 29 Јули 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Директорот на вестите на „ТРТ-ворлд“ (TRT World), Фатих Ер и извршниот продуцент Ресул Сердар Аташ, на ТВ-каналот на ТРТ кој се емитува на англиски јазик, во разговор за АА зборуваа за случувањата при обидот за државен удар – кога просториите на ТРТ беа први на листата за освојување од страна на терористичката организација на Фетулах (ФЕТО) ноќта на 15 јули, по затворањето на Мостот на шехидите.
Фатих Ер, кој бил ангажиран околу отворањето на канцелариите на „ТРТ-ворлд“ не бил во Турција, но ги следел настаните, и рече дека по прекинот на емитувањето на програмата од Турција, програмата продолжила да се емитува од Лондон.
„Странските медиуми имаат чувство на фобија кон претседателот на Турција“.
Допирајќи ја темата за предрасудите на западните медиуми кон Турција, Фатих Ер го рече следното:
„Овие предрасуди кон Турција не започнаа денеска, ниту вчера. Ги имаше и пред обидот за државен удар. Јас ова лично би го нарекол ‘ердоганофобија’. Постои фобија во однос на претседателот на Турција и западниот печат тоа сака да го искористи во секоја можност. За жал, и во текот на обидот за државен удар истите медиуми застанаа на страна на пучистите, а не на страна на демократијата. Тоа е срам за светските медиуми. Ние ја зборуваме само вистината и не правиме никаква пропаганда. Сѐ е на виделина и кристално јасно, може да се види и со голо око. Тоа го забележуваат и големиот број странски новинари, кои ни даваат поддршка. Сметам дека гневот кон Турција и ердоганофобијата се главни причини за дволичното однесување на западните медиуми кон Турција".
Истакнувајќи дека е подготвен нов документарец за крвавиот обид за државен удар во Турција, Фатих Ер рече дека „ТРТ-ворлд“ ќе продолжи да емитува програми, со цел на целиот свет да му биде прикажано како беше извршен обидот за државен удар, што преживеа турскиот народ и кои терористички мрежи стојат зад овој обид.
Ресул Сердар Аташ, извршниот продуцент на ТВ-каналот „ТРТ-ворлд“, кој емитува вести на англиски јазик, за АА рече дека во првите моменти на упадот на војниците-пучисти во студиото не сфатиле дека станува збор за државен удар.
„Грубо бевме истерани од просторијата и ни беше речено дека мораме да го напуштиме објектот поради сопствената сигурност. Упадот на пучистите е извршен на исклучително груб начин, со кршење на стаклата во студиото, местото за молитви и други простории во зградата. Го испразнивме студиото и сите се собраа во дворот. Ни беа одземени и телефоните. Беше употребена сила и им се заканија со оружје на колегите што се обидуваа да се спротивстават на наредбите на пучистите“, рече Аташ.
Аташ нагласи дека пучистите сакале да го нарушат имиџот на Турција со прекинот на емитувањето на телевизиската програма во глобални рамки.
И Аташ ги критикуваше странските медиуми поради начинот на кој тие известуваа за настаните во Турција.
„Уредничкиот став кај нас, во „ТРТ-ворлд“ беше сосема јасен. Зад обидот за државен удар во Турција се наоѓа злосторничка терористичка организација, а обидот за државен удар беше задушен од страна на народот на Турција. Тие две работи во нашата редакција се константно јасни. Но за жал, меѓународните медиуми покажаа застрашувачка дволичност и колебливост. За меѓународните медиуми тоа претставува многу голем проблем во долгорочни рамки", заклучи извршниот продуцент Аташ.