Ivana Ramadanova
12 Февруари 2016•Ажурирај: 13 Февруари 2016
СКОПЈЕ АА - Повелба за етичко известување за изборите, во организација на Советот за етика во медиумите на Македонија, беше потпишана Денеска во просториите на ЕУ-инфоцентар во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Советот за етика, целта на повелбата е да се постигне навремено, вистинито и објективно информирање на јавноста за претстојните парламентарни избори. Согласно повелбата, која ќе им беше понудена да ја потпишат сите медиуми, нивната работа треба да се заснова на принципите на вистинитост и објективност, на избалансираност, на јасна граница меѓу информациите и коментарите, на чесност и неутралност, на професионална солидарност, уредувачка независност и професионален интегритет, на почит и толерантност, како и на слобода и одговорност.
"Ние како совет за етика сме против поганењето на новинарството, против натрапниците во професијата, против злоупотребата на на професијата од кој и да е. Новинарството има правила, стандарди, клучна е слободата, пристапот прашања и одговори, слободно изразени ставови, ама да се темелат врз точни и вистинити информации", рече Драган Антоновски, член на Советот за етика во медиумите во Македонија.
Тој додаде дека потписниците на овој документ со нејзиното прифаќање би се согласиле дека ќе се придржуваат до принципите на професионално и независно известување и ќе се залагаат за афирмирање на етиката и професионалноста во известувањето.
Потпис на повелбата ставија медиумите што ја прифатиле нејзината содржина и кои преку тоа се залагаат за афирмирање на етиката и на професионалноста во известувањето. На настанот, покрај претставници на медиумите, присуствуваа и претставници на меѓународната заедница во земјава.