Ivana Ramadanova
16 Февруари 2016•Ажурирај: 17 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Повеќе од седумдесет граѓански иницијативи и невладини организации, денеска во Скопје одржаа Граѓанска дебата за слободно општество и социјална првда, јавува Anadolu Agency (AA).
Според учесниците на дебата, целта на оваа граѓанска дебата е да се зајакне комуникацијата и размената на идеи и ставови меѓу факторите во граѓанското општество, да се усогласат минимум заеднички вредности и позиции во однос на општествено-политичката криза во државата и да се испратат пораки за кои ќе се побара мислење и поддршка од широкото граѓанско општество и од политичките фактори во државата.
Како клучни теми кои беа ставени во фокус на дебатата, беа слободната демократија, човековите права, сиромаштијата и економијата како причини за масовното иселување од државата.
Според професорката Мирјана Најчевска, токму во овој момент, кога политичката криза ескалира, слободата и понатаму е загрозена, живејачката не се подобрува, потребно е да се вклучи целиот граѓански сектор кој ќе се усогласи и ќе испрати порака за приоритетите на граѓанското општество и за она што граѓаните го очекуваат од политичките актери како излез од оваа состојба во која се наоѓаме.
"Многу е важно да зборуваме за слободата, а кога велиме слобода тогаш треба да опфатиме неколку сегменти. На прво место овде спаѓа прифаќањето на различностите, второ, правото да се искаже различното мислење, односно сопствениот став, и трето треба да научиме да се спротиставиме на авторитетите". Слободата, вели Најчевска, мора да се воведе во образованието.
Според аналитичарот Суад Мисини, до статусот на заробена држава стигнавме, поради како што народот одамна ја има изгубено границата на прифатливоста, додавајќи дека ако нема владеење на правото нема ништо.
Осврнувајќи се на состојбата на медиумите, новинарот Љубиша Арсиќ, истакна дека во овој момент е исклучително важно да се стави јавниот интерес пред личниот интерес. Арсиќ, зборувајќи за искуството кое го имал во неговата досегашна новинарска кариера, вели дека е многу жално и трагично што новинарството е сведено исклучително на пропаганда, а новинарите со цел да заработат малку повеќе, се спремни да одработуваат за политичките партии.
Организаторите велат дека, имајќи ги предвид разноликостите во ставовите и капацитетот кај граѓанските организации, ваквата јавна граѓанска дебата и подоцнежните пораки ќе бидат силен симбол дека граѓанските организации и активисти имаат капацитет за дијалог, дискусија и испраќање заеднички ставови до пошироката јавност и до сите релевантни политички актери.