Abdulbesar Ademi,Edıta Zekjırovıc
29 Јули 2021•Ажурирај: 30 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - На иницијатива на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, а со поддршка на стопанските комори на трите земји, денеска во Скопје се одржува Економски форум за регионална соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
На главниот панел насловен како „Поврзан Балкан“, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, ја истакна важноста на довербата помеѓу државите во смисла на развивање на односите во регионот, односот кон Европската Унија и кон светот. Меѓутоа, тој потсети и дека додека се чекори кон европскиот пат не треба да се верува дека некој друг ќе работи во полза на земјите доколку тоа самите граѓани не го прават.
„Особено важно за сите нас, како и во Албанија, така и во Северна Македонија, така и во Србија, е да им покажеме дека сме способни самите да одлучуваме за себе и да го подобруваме животот на нашите граѓани“, изјави Вучиќ.
Вучиќ смета дека Србија, Албанија и Северна Македонија треба заеднички да работат на привлекување на инвестициите.
„Ние денес во делот на Србија имаме проблем со недостиг на работна сила. А како ќе привлечеме голем инвеститор, освен ако не му кажеме дека заеднички се бориме за оваа инвестиција и со Северна Македонија и со Албанија, затоа што тие може да ни помогнат и за квалификувана и за неквалификувана работна сила. Така што може да отвориме фабрика и во Врање и во Куманово“, додаде Вучиќ.
Вучиќ потенцира дека пред сѐ треба да се гледа напредокот на животниот стандард на обичните граѓани. И дека од оваа соработка граѓаните може да имаат само корист, а не штета. Главната цел е граѓаните да живеат подобро.
Претседателот Вучиќ соопшти дека заедно со претставниците на стопанските комори на Северна Македонија, Србија и Албанија, разговарале за изготвување на една конкретна иницијатива за давање погодности кои ќе им бидат од корист на граѓаните.
„Тоа се попусти на билети за воз, попусти на патарини, ако ова не ни го даде Европа, да можеме да најдеме друг начин за попусти во рестораните и хотелите и да најдеме можност. Ако сте од некоја од овие три земји, да имате попусти, 5 или 10 %. За да почувствуваат граѓаните зошто е ова добро“, објасни Вучиќ.
- Рама за таканаречената иницијатива „Мини шенген“: „Сакаме во регионот да го донесеме примерот на ЕУ“ -
Премиерот на Албанија, Еди Рама, на отворањето на Регионалниот економски форум во Скопје истакна дека преку таканаречената иницијатива „Мини шенген“ се сака во регионот на Западен Балкан да се донесе примерот на Европската Унија (ЕУ), со цел остварување на четирите основни слободи на ЕУ, односно слободата на движење на луѓето, слободата на стока, капитал и услуги.
Рама нагласи дека мозаикот на учество на Форумот е над трите земји, односно Албанија, Северна Македонија и Србија, и додаде дека изгледот на овој мозаик не е доволен за да се разбере вредноста и важноста на оваа иницијатива.
„Регионот не може да продолжи да биде заложник на минатото од ниту еден аспект, и оној што сѐ уште не сфаќа колку сме мали, поделени, дека треба да ги развиеме нашите економии, да создадеме повеќе работа, да отвориме повеќе перспективи со добро платени работни места, особено за младите, е осуден да живее во минатото“, рече Рама.
Премиерот на Албанија се осврна на критиките кон иницијативата на лидерите на Албанија, Северна Македонија и Србија, и рече дека оваа иницијатива е за добробитта на иднината на регионот.
„Оној што вели дека ова е иницијатива дизајнирана во подрумите на поранешна Југославија, за рекомпонирање на Југославија и давање хегемонија на Србија, дека Србија ќе земе сѐ што имаме, прво, живее во паралелен свет, второ, живее за политиката во кожата на луѓето, а не за да се зголеми благосостојбата и да се зајакнат мостовите меѓу луѓето, и трето, заборава дека ако започнеме вака, тогаш мора да кажеме дека ЕУ е исто така голема Југославија. ЕУ е голема Југославија, но ова е мала Југославија... Но фактички, не, ова е ниту повеќе ниту помалку, туку создавање простор со принципите, вредностите и механизмите на ЕУ, додека секоја од земјите се обидува да се интегрира во ЕУ“, додаде Рама.
На панелот, претходно, свое обраќање имаше и премиерот на Северне Македонија, Зоран Заев.