економија, Балкан

На Економскиот форум за регионална соработка потпишани два меморандума и еден меѓудржавен договор

„Ние ќе ја зголемиме нашата трговија, ќе отвориме многу работни места, а преку конкуренцијата на работните места ќе пораснат платите“, истакна премиерот Заев

Edıta Zekjırovıc  | 29.07.2021 - Обновена : 31.07.2021
На Економскиот форум за регионална соработка потпишани два меморандума и еден меѓудржавен договор Фото: Husamedin Gina/AA

СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа Економскиот форум за регионална соработка, на кои учествуваа премиерот Зоран Заев, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама. На Форумот се потпишаа два меморандума и еден меѓудржавен договор кој во голема мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис-заедницата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Првиот договор кои го потпишаа премиерот Заев, премиерот на Албанија, Еди Рама и српскиот претседател Вучиќ е Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи, кој произлегува врз основа на меѓусебната подготвеност меѓу Република Северна Македонија, Србија и Албанија за заемна соработка во спречувањето на последиците од елементарни непогоди.

Потпишан беше и Меморандум за разбирање за олеснување на увозот и извозот и движење на стоки низ Западен Балкан, врз основа на решителноста на тројцата лидери да ја зајакнат соработката во погледот на увозот и извозот, да се елиминираат бариерите на границите за се да придонесе кон подобра економска соработка и за зголемување на трговската соработка.

Од страна на тројцата лидери беше потпишан Меморандумот за пазарот на работна сила, кој има за цел да го олесни движењето на луѓето за да обезбеди полесен и послободен пристап до пазарот на трудот, што значи отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за добивање дозвола за привремен престој.

Премиерот Зоран Заев испрати порака дека со Албанија и Србија гради огромна доверба, и дека сака таа доверба да се сподели со деловната заедница, бидејќи, како што нагласи, потребна е заемна помош за да се изнајдат решенија со јавната администрација, за на крајот заедно да се споделат успесите.

„Ние ќе ја зголемиме нашата трговија, ќе отвориме многу работни места, а преку конкуренцијата на работните места ќе пораснат платите. Нашата компетенција и конкурентност во однос на остатокот од светот ќе расте сѐ повеќе и ќе освоиме нови пазари кои ќе го зголемат економскиот пазар“, порача премиерот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.