Балкан

Заев: „Иницијативата „Отворен Балкан“ е платформа која му е потребна на регионот“

„Балканот долго време беше опкружен со ѕидови. Наместо ѕидови, денеска изградивме нови мостови. Иницијативата „Отворен Балкан“ е платформа која му е потребна на регионот...“, нагласи Заев

Husamedin Gina, Abdulbesar Ademi  | 29.07.2021 - Обновена : 30.07.2021
Заев: „Иницијативата „Отворен Балкан“ е платформа која му е потребна на регионот“ Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакнувајќи дека Балканот долго време беше опкружен со ѕидови, рече дека иницијативата „Отворен Балкан“ е платформа која му е потребна на регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).

По Економскиот форум за регионална соработка кој денеска се одржа во Скопје, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, одржаа заедничка прес-конференција.

Премиерот Заев на прес-конференцијата истакна дека денеска тука во Скопје отворени се нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества.

„Балканот долго време беше опкружен со ѕидови. Наместо ѕидови, денеска изградивме нови мостови. Иницијативата „Отворен Балкан“ е платформа која му е потребна на регионот. Денеска овде се одржуваат стотици билатерални средби помеѓу компаниите од овој наш регион“, нагласи Заев.

Со Меморандумот за соработка за брз проток на стоки, како што нагласи Заев, значително ќе се олесни увозот, извозот и транзитот на стоки.

„Македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ пред себе имаат ист пат, имаме иста визија и исти вредности. Тоа се европските вредности, одиме по истиот пат заедно, напред и поврзани“, додаде Заев.

Меѓу другото, Заев рече дека иницијативата „Отворен Балкан“ оди напред и дека соработката ќе се прошири на други полиња од заеднички интерес важни за трите држави.

На прес-конференцијата српскиот претседател Вучиќ истакна дека Србија ќе биде сигурен партнер и на Северна Македонија и на Албанија во патот на понатамошно зближување, регионалната стабилност и подобар живот за сите граѓани.

„Пред нас немаме лесен пат, ова се фантастични идеи со извонредна визија, мора многу да работиме, мора да го убедиме нашиот народ да биде вреден и резултатите да се испорачаат навреме“, нагласи Вучиќ.

Тој исто така нагласи дека во заедништво може да се направи многу подобри работи, отколку кога сме сами.

Вучиќ, меѓу другото, додаде дека оваа иницијатива се прави за граѓаните да бидат задоволни, да почувствуваат напредок и да видат дека ова што се прави има смисла.

Премиерот на Албанија, Рама, нагласи дека денеска потпишале договор за да бидат заедно во сите предизвици, додавајќи дека секој што сака да се приклучи на оваа иницијатива е добредојден.

Рама рече дека не ги разбира причините за одбивање да се приклучат на оваа иницијатива Црна Гора и Босна и Херцеговина, но дека ги знае причините на Косово и дека е против нивните ставови.

Во врска со прашањето дали ќе ги развие овие принципи и со Косово, како што е направено со Северна Македонија и Србија, Рама рече дека не само тој, туку тројцата лидери повториле дека оваа иницијатива не е ексклузивна, туку инклузивна.

„Оваа инцијатива е отворена и слободна за сите земји кои дејствуваат според нивните интереси и нивната логика. Албанија ќе го направи овој процес со секого, кога и како е можно. Од друга страна, за нас нема ниту еден проблем ако некој друг нема да го направи или ќе го направи делумно. Ние сакаме заедниците во нашите земји, било граѓани или бизнис-субјекти, да имаат простор на европска слобода во нашиот регион“, истакна Рама.

Тој нагласи дека Србија и српскиот претседател направиле „дополнителна милја“ со тоа што прифатиле иницијативата да биде не само сеопфатна, туку и да го надмине Берлинскиот процес кога станува збор за слободното движење на граѓаните.

„Во оваа насока, нема општество на оваа територија за да биде дискриминирано, нема граѓанин во овој регион за да биде дискриминиран. И надвор од отвореното прашање помеѓу Србија и Косово, оваа иницијатива им кажува на луѓето, на поединците и на деловните субјекти дека вие сте еднакви, и покрај фактот дека на државно и институционално ниво постои прашање што сѐ уште е отворено и е на пат да се третира со тешкиот дијалог меѓу две земји“, додаде тој.

Косово ја одби оваа иницијатива, опишувајќи ја како „без визија за регионот“. Владата на Косово упати апел до владите во регионот „да бидат посветени на агендата на Европската Унија (ЕУ) и трансатлантските односи“.

Лидерите денеска договорија наесен средби на иницијативата „Отворен Балкан“ да се одржат во Тирана и Белград.​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.