Zeynep Beyza Kılıç
16 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
АНКАРА (АА) ‒ Цените на природниот гас во Европа паднаа откако Русија соопшти дека одреден дел од војниците на украинската граница почнале да се враќаат назад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Цената на мартовските фјучерси со кои се тргува на ТТФ (TTF), онлајн тргување со природен гас со седиште во Холандија, се намали за 15 отсто.
Идните мартовски фјучерси за природен гас, кои вчера поскапеа на 83,60 евра, денот го затворија на 80,77 евра.
Природниот гас денеска се тргуваше по 68,50 евра, што е за 15 отсто помалку во однос на вчерашното затворање.
Европа, од природниот гас што го троши, околу 40 отсто увезува од Русија, односно 175 милијарди кубни метри.
Од друга страна, Русија го испраќа својот гас до континентот главно преку гасоводот „Јамал-Европа“, кој минува низ Белорусија и Полска, и гасоводот „Северен тек“ што го користи Балтичкото Море и преку Украина.
Претставници на Европската комисија наведуваат дека 40 отсто од увозот на гас на земјите членки го исполнува Русија, а 38-39 отсто, Норвешка.
‒ Паѓаат и цените на нафтата -
Намалувањето на тензиите меѓу Русија и Украина го забрзува намалувањето на цената на нафтата.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека дел од воените единици кои вчера ги завршија своите задачи во рамките на вежбите, почнале да се враќаат во своите бази.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека не сакаат војна во Европа и дека дадени се предлози во однос на преговарачкиот процес.
Со изјавите за делумно смирување на тензиите меѓу двете земји, се забрза и намалувањето на цената на нафтата.
Цената на барел нафта од типот „Брент“, која вчера се искачи на 96,26 долари, заклучно со 9:50 часот денеска се намали за 2,90 отсто и се тргува за 93,56 долари.