????? ??????????
12 Ноември 2015•Ажурирај: 12 Ноември 2015
Нови 300 работни места до 2019 година ќе отвори бугарската ИТ компанија Musala soft, најави вицепремиерот Владимир Пешевски, додавајќи дека компанијата која веќе почна да работи во Македонија со 10-тина лица, до 2019 година планира да вложи и над 20 милиони евра, јави Anadolu Agency.
"Како резултат на напорите што ги прави Владата и Агенцијата за привлекување на странски инвестиции компанијата Musala soft почнува со работа во Македонија. Воглавно ќе биде вработен висококвалификуван кадар кој ќе работи на развој на најсофистицирани софтверски производи", рече Пешевски, посочувајќи дека Musala soft соработува со најдобрите светски компании од информатичката и телекомуникациската област, а нивни клиенти се Дојче Телеком, ДХЛ, ИБМ, ОМВ.
Пешевски истакна дека она што ќе се произведува во Македонија 100 проценти ќе биде наменето за извоз, а знаењата што ќе ги стекнат вработените низ работата во оваа компанија ќе може да ги применуваат насекаде. Според претседателот на Musala soft Елена Маринова, во компанијата веќе работат повеќе од 10 висококвалификувани стручни лица, најавувајќи дека во иднина брзо ќе се шират во Македонија, а фокус ќе им бидат помладите кадри.
"Во Македонија во моментов вработуваме мал број на луѓе, но висококвалитетни и со големо искуство и ги позицираме на битни позиции. Тоа го правиме за да можеме понатаму да се шириме. Сите минуваат низ нашата внатрешна корпоративна обука и ќе продолжиме да го правиме тоа и откако ќе се прошириме во Македонија", појасни Маринова.
Таа нагласи дека имаат прогами за обука на млади и повозрасни луѓе, но фокусирани се на помладите за што, како што рече, имаат и партенрство со Владата.