СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Албанија, Еди Рама, одржаа работна средба преку конференциска врска во рамките на иницијативата за засилена регионална соработка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Владата на Северна Македонија се наведува дека Заев, Вучиќ и Рама на средбата ја утврдиле трипартитната, односно како што се вели заедничката изјава „Европски Западен Балкан“.
Според заедничката изјава, лидерите денес се состанале за да разговараат за натамошните чекори за нивната регионална соработка како витален пат напред за нивните земји, за Западен Балкан, за Европа и европскиот пат како целина.
„Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што ѝ се тие потребни на ЕУ“, се истакнува во заедничката изјава.
Се нагласува дека постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, оди, како што се вели, против европската волја на овие земји и против интересите на самата ЕУ.
„Нашата историја и нашата иднина се европски и живееме во регион опкружен со границите на Европската Унија. Контекстот во кој се наоѓаме е предизвикувачки и истиот е предизвикан од предолгиот статус кво на Унијата vis-a-vis нашиот процес на интеграција во ЕУ. Сепак ние остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка“, се вели во изјавата на тројцата лидери, и се додава:
„Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ - движење на луѓе, стоки, услуги и капитал - се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули. Знаеме дека само со заедничко работење и поттикнување на регионалната соработка во рамките на разни регионални иницијативи - Заеднички регионален пазар, Регионален Шенген, Зелени коридори или во поширока смисла преку Берлинскиот процес - можеме да им донесеме опипливи резултати на нашите граѓани.“
Заев, Вучиќ и Рама нагласија дека како регион со приближно 18 милиони луѓе можат да ги зајакнат нивните економии, да ја зголемат благосостојбата на своите граѓани и да донесат големи инвестиции што, според нив, не би биле возможни доколку го прават тоа поединечно.
Тројцата лидери рекоа дека на 29 јули ќе се сретнат во Скопје за да го потврдат напредокот и да ги потпишат договорите што произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот самит меѓу трите земји; договорите за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу овие земји.
„Ги покануваме и охрабруваме нашите колеги во регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан ќе стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар. Во тој дух, се надеваме дека ќе го засилиме процесот на соработка меѓу нас, во целиот регион и ќе продолжиме да даваме сè од себе за тоа да се случи“, се наведува во заедничката изјава.
Гледајќи ги потешкотиите што биле предизвикани од одложувањата во процесот на проширување, лидерите изразија доверба дека сѐ уште може да се идентификуваат нови начини, политички области и финансиски инструменти, како и да имаат зајакнување на постоечките, така што ќе се подобри нивниот придонес кон Европа, нивниот однос со ЕУ и постепено да се интегрира регионот кон Европскиот единствен пазар.
Како што се нагласува во заедничката изјава, затоа решено е денес да побараат од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави да преземат чекор заедно со нив и со нивните колеги од целиот регион.
„Нашата цел е да развиеме инвестициони, краткорочни проекти за подобрување на нашата животна средина и за многу поголема употреба на обновливи извори на енергија. Ова би било дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и на Зелената агенда за Западен Балкан. Нашите земји имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој во овој сектор. Ќе побараме практична поддршка во откривањето кои проекти можат, во поголем обем, да го направат нашиот регион извор на обновлива енергија за нашите граѓани и за зелената енергетска иднина на ЕУ. Се надеваме дека ќе можеме да го објавиме напредокот на конкретни проекти до Самитот ЕУ - Западен Балкан, кој ќе се одржи оваа есен“, се истакнува во изјавата.
„Ние целосно ја препознаваме и повторуваме важноста на ресурсите на нашиот регион за зелената транзиција во Европа. Затоа, бараме Европската Унија, во тесно партнерство со Соединетите Американски Држави, да бидат дел од развивањето на овие ресурси на начини што ѝ помагаат на ЕУ да ги оствари своите планови притоа привлекувајќи повеќе инвестиции низ нашиот регион, правејќи го дел од европската зелена транзиција. Благосостојбата и економските врски на нашите народи ќе растат кога ќе се интегрираме во европските синџири на снабдување и ќе придонесеме за стратешката автономија на ЕУ“, изјавија Заев, Вучиќ и Рама.
Како што изјавија лидерите, за таа цел подготвени се да го одработат својот дел заедно и ќе сторат сè што можат за да ги претворат овие заеднички напори во заедничка сила за соочување со предизвиците што ги носи иднината како цел регион составен од шест актери.
„Албанија е Европа. Северна Македонија е Европа. Србија е Европа. Западен Балкан е Европа. Ние ќе ја завршиме тешката работа за да го направиме ова дел од секојдневниот живот“, се вели во заедничката изјава на Заев, Вучиќ и Рама.