Husamedin Gina
29 Јуни 2021•Ажурирај: 30 Јуни 2021
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, истакна дека Северна Македонија од земја корисник, како домаќин на три НАТО-операции, стана земја извозник на безбедноста, со испраќање на свои војници во мировни мисии, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска се одржа церемонија по повод враќањето на последната ротација на Армијата на Република Северна Македонија од мисијата „Одлучна поддршка” во Исламската Република Авганистан 2002/2021.
На церемонијата свое обраќање имаа претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и потполковникот Фето Бајрами, командант на првото одделение на АРМ што замина за Авганистан.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање на свеченоста, истакнувајќи ја својата огромна благодарност до војниците што учествуваа во мисијата „Одлучна поддршка” во Авганистан, рече дека тие биле во служба на својата земја и во служба на народот на Авганистан, кој треба да ги ужива истите права што ги имаат и другите народи во светот.
„Пред без малку 30 години кога на наша територија беа распоредени мировни сили на Обединетите нации или по конфликтот во 2001, кога бевме домаќини на три НАТО-операции, беше незамисливо дека наши војници еден ден ќе бидат дел од мировните мисии во светот. Но, во 2002-2003 тоа стана реалност. Од земја корисник, станавме земја извозник на безбедноста“, нагласи Пендаровски.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на војниците што учествуваа во мисијата „Одлучна поддршка” во Авганистан им се заблагодари за службата, за храброста и издржливоста.
„Вие сте војниците на Армијата на Република Северна Македонија на кои НАТО-алијансата може да се потпре. Од самиот почеток во 2002 година покажавме дека сме верни на вредностите, принципите и одлуките на Алијансата“, рече Шекеринска.
Таа, исто така, додаде дека е убедена во тоа дека војниците ќе ги пренесат дома овие искуства од мисиите во Авганистан и дека на тој начин Армијата на Северна Македонија ќе се развива како вистинска НАТО-армија.
Потполковникот Фето Бајрами, командант на првото одделение на АРМ што замина за Авганистан во март 2003 година, наведе дека постројувањето под свое знаме и знамињата на другите земји што учествуваа во мисијата ИСАФ претставува чест.
„За еден војник и офицер нема ништо повозвишено од честа да ја претставува својата земја и својата армија на една меѓународна мисија како што беше ИСАФ“, нагласи потполковникот Фето Бајрами.
Исто така, на денешната свеченост присуствуваа началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, амбасадорот на Турција, Хасан Мехмед Секизкоќ, и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз.
Северна Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка”.
Со тоа заврши речиси две декади долгото учество на Армијата во мисиите на НАТО – ИСАФ и „Одлучна поддршка” во Авганистан.