Besar Ademi, Sibel Vezaj
17 Август 2016•Ажурирај: 18 Август 2016
ПРИШТИНА (AA) – Заменик-претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, и неговата сопруга д-р Џил Бајден, учествуваа на церемонијата на именувањето на патот Урошевац-Гњилане со името на нивниот покоен син, Џосеф Р. „Бо“ Бajден III, кој минатата година почина од рак на мозокот на возраст од 46 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот заменик-претседател Џо Бајден во својот говор зборуваше и за посетата во Косово во 2001 година, кога заедно со својот син ја посетил воената база Бондстил, а потоа најави дека и во иднина ќе остане посветен на поставувањето на правниот систем во поствоеното Косово.
Бајден ги цитираше и зборовите на својот син Бо Бајден, кој рекол дека владеењето на правото е принцип на еднаквост на сите луѓе и дека никој не може да биде над или под законот, а тоа не важи само за луѓето, но исто така и за бизнисите, институциите и за судството.
„Кога Косово ќе стигне до успеси, тогаш целиот регион ќе има корист. Косово е нова земја, но не толку нова за да не се знаат потребите на граѓаните, она што го заслужуваат. Основните вредности според заслугата, а не привилегија“, рече Бајден, кој изрази уверување дека Косово ќе биде слободна и стабилна демократска држава.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека како Косово треба да понудат решенија, пријателство на соседите и да ги затворат поглавјата од минатото. Обраќајќи се на семејството Бајден, Тачи рече: „Ве известуваме овде, во ова место, дека Косово е еден историски успех и феномен на совршенството на САД . Ние секогаш ќе бидеме благодарни, ќе покажеме специјални односи со САД, а над сѐ ве информираме дека во оваа земја, благодарение на вашата работа и вашето семејство, создаваме држава на можности и еднаквост. Сигурен сум дека заедно ќе успееме“.
Во меѓувреме, премиерот Иса Мустафа додаде дека се чувствува почестен што се обраќа по повод именувањето на патот „Бо Џозеф Бајден III“, додавајќи дека неговото име значи пријателство меѓу двата народа кои делат исти вредности. Мустафа спомена дека САД го спасиле Косово и ќе продолжат да го поддржуваат, и покрај тоа што земјата сѐ уште има многу работа пред да биде достоен пријател на САД.
Од друга страна, градоначалникот на Гњилане, Љутфи Хазири, рече дека „Бо“ Бајден оставил солидарност во Косово. Тој нагласи дека својата солидарност со состојбата по војната во Косово, посветеноста за воспоставување на владеењето на правото, почитувањето на правата на малцинствата и на жртвите на војната, беа првите вредности што Косово ги најде кај него.
Инаку, на церемонијата организирана од страна на косовската Влада, во близина на воениот камп на КФОР, Бондстил, освен семејството Бајден, присуствуваа и претседателот на Косово Хашим Тачи, премиерот Иса Мустафа, првиот заменик-премиер Хајредин Кучи, заменик-премиерот Бранимир Стојановиќ, министерот за надворешни работи Енвер Хоџај, амбасадорот на САД во Приштина Грег Делави, амбасадорката на Косово во САД, Влора Читаку, претседателот на Општина Гњилане Лутфи Хазири, претставници на ЕУЛЕКС, пратеници, политичари и многу други поканети лица.
По говорите, семејството Бајден го посети и споменикот подигнат во чест на Џосеф Р. ‘Бо’ Бајден III’, кој е симбол на континуитетот на пријателството меѓу Косово и САД. Косовската Влада, во јуни одлучи да го именува националниот пат помеѓу Гњилане и Урошевац со името „Бо Бајден“, синот на заменик-претседателот на САД Џо Бајден, кој минатата година почина од рак на мозокот на возраст од 46 години.