политика

Шекеринска во посета на македонскиот контигент во мисијата на НАТО во Авганистан

Ова е прва посета на министер за одбрана на македонскиот контингент во Авганистан од 2013 година

Admir Fazlagic  | 20.11.2018 - Обновена : 21.11.2018
Шекеринска во посета на македонскиот контигент во мисијата на НАТО во Авганистан Фото: Министерство за одбрана на РМ

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Македнија, Радмила Шекеринска, денеска е во Кабул, Авганистан, во посета на припадниците на македонскиот контингент во мисијата на НАТО – Алијанса за обука, советување и асистенција на авганистанските вооружени сили „Одлучна поддршка“, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што соопшти Министерството за одбрана на Македонија, Шекеринска утрово во Кабул се сретнала со македонскиот контингент кој е дел од Командата за обука, советување и асистенција (КОСА), со командантот на аеродромот во Кабул, генералот Хусеин Канбур, со командантот на Командата на главниот град, турскиот генерал Јашар Дилбер, а имаше и видеоконференциска врска со командантот на Командата „Север“, германскиот генерал Герхард Ернст Петер Клафус.

На средбата припадниците на македонскиот контингент ги презентираа пред министерката своите активности во Авганистан, а таа им се заблагодари на македонските мировници за покажаниот професионализам и посветеноста на задачите, со што како припадници на АРМ се докажале како посветен и способен партнер на сојузниците на НАТО и како амбасадори кои во голема мерка ѝ помагаат на својата земја да стане 30-та рамноправна земја членка на Алијансата.

„Денеска сум тука и со делегација од Собранието на Република Македонија. Мислам дека заедно ја испраќаме пораката дека нашата стратешка цел, членството во НАТО, нè обединува, дека нашиот придонес кон светскиот мир нè обединува, но дека пред сè и над сè, нè обединува нашата желба да дадеме поддршка на луѓето кои ги ставаат под ризик своите животи во име и за Македонија“, рече Шекеринска.

„И затоа денеска ќе ни биде задоволство да го поминеме овој ден со нашите војници, припадниците на Армијата на Република Македонија, и да се заблагодариме на нивната служба во име на татковината, за татковината и за нејзините стратешки цели“, додаде таа.

Инаку, ова е прва посета на министер за одбрана на македонскиот контингент во Авганистан од 2013 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın