политика

Средба на Џафери со амбасадорот на ОАЕ за Македонија

Џафери и Алраиси се согласиле дека унапредувањето на односите меѓу двата парламента во наредниот период треба да се интензивира и да се продлабочи во повеќе области

Ekipa  | 26.11.2018 - Обновена : 27.11.2018
Средба на Џафери со амбасадорот на ОАЕ за Македонија

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати за Република Македонија, Сагер Насер Ахмед Абдулах Алраиси, пренесува Anadolu Agency (AA).

Претседателот Џафери изрази задоволство од воспоставените дипломатски односи, кои датираат уште од 1996 година под уставното име на земјата.

Во соопштението на Кабинетот на претседателот на Собранието на РМ се вели дека Џафери истакнал дека како претседател на Собранието ја поттикнува пратеничката група за соработка со земјите од Блискиот и Средниот Исток во Собранието да воспостави комуникација со соодветните парламенти, и да ја иницира парламентарната дипломатија.

„На мултилатерален план соработката во меѓународните организации и во системот на ООН е добра, и често се поддржуваат меѓусебните кандидатури, а Република Македонија во оваа насока, традиционално го поддржува кандидирањето на ОАЕ во рамките на телата и органите на меѓународните организации“, нагласил Џафери.

Од друга страна, амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) Сагер Алраиси, изразил силна поддршка за Република Македонија истакнувајќи го бенефитот од членството во Европската Унија и НАТО за малите земји, како и предностите кои ги имаат земјите полноправни членки на овие организации.

Се истакнува дека амбасадорот упатил покана до Џафери со делегација да ги посетат Обединетите Арапски Емирати и нивниот парламент, нагласувајќи дека со оваа покана ќе се интензивираат билатералните односи помеѓу двете земји.

Џафери и Алраиси се согласиле дека унапредувањето на односите меѓу двата парламента во наредниот период треба да се интензивира и да се продлабочи во повеќе области како што се образованието, економијата, животната средина и во други области од заемен интерес.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın