Abdula Berisha
13 Март 2020•Ажурирај: 14 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, одржа прес-конференција на која говореше за неговите овластувања во врска со состојбата со коронавирусот во земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Истакнувајќи ги и проценките на Светската здравствена организација (СЗО), Пендаровски рече дека Северна Македонија најдобро се соочува со коронавирусот, во однос на брзата имплементација на препораките на СЗО, притоа повикувајќи на максимално почитување на владините одлуки и препораки.
Тој истакна дека побарал информации за состојбата со залихите од Агенцијата за стоковни резерви, наведувајќи дека залихите се доволни и во согласност со законските регулативи.
„Сакам да ве информирам дека во понеделник, сега овој понеделник во 16:00 часот, закажав состанок на Советот за безбедност на кој освен стандардниот состав кој го знаете, го повикав и министерот за здравство да даде извештај, да даде отчет за тоа што е досега преземено и кои се нивните предвидувања како први надлежни за оваа епидемија“, рече Пендаровски, додавајќи дека на состанокот ќе присуствува и началникот на Генералштабот на Армијата.
Претседателот соопшти дека на оваа средба ќе се разговара дали е потребно поради епидемијата на коронавирусот да се прогласи кризна состојба на целата територија на земјата, или во дел од неа, бидејќи како што истакна, вирусот претставува закана за националната безбедност.
„Третата варијанта, за која морам да кажам сме многу далеку да донесеме таква одлука, е воведување вонредна состојба според член 125 од Уставот, член кој никогаш не е активиран затоа што имало проценка дека тоа не е неопходно и кој, ако има потреба, точно ги покрива овие состојби со заразни болести“, рече Пендаровски.
Споменувајќи ја „епидемијата на лажни вести“, претседателот ги повика медиумите да известуваат од официјални извори, истакнувајќи дека институциите откриле неколку обиди за организирано ширење лажни вести за да се предизвика паника.
Претседателот Пендаровски, исто така, рече дека нема никаква надлежност во врска со одржувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, но изрази став дека има големи резерви во однос на денот на изборите.
Меѓу другото, тој ги постави како прашања пристапот до избирачките места на лицата што можеби ќе бидат во куќна изолација и на заразените лица, како и на избирачките места кои во просек се посетуваат од околу 600-700 гласачи.
Претседателот Пендаровски истакна дека апсолутен приоритет на сите треба да биде здравјето на граѓаните, а не политичките поени.