Балкан

Сузбиена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти, 16 приведени

МВР на Република Северна Македонија соопшти дека спровело координирана полициска операција, со цел расчистување на кривичните дела кои се однесуваат на организирање група за вршење кривично дело криумчарење мигранти

Furkan Abdula  | 16.02.2019 - Обновена : 16.02.2019
Сузбиена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти, 16 приведени

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија сузби криминална група инволвирана во криумчарење мигранти, при што се приведени 16 лица членови на оваа група, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението на МВР се истакнува дека во текот на вчерашниот ден спровело координирана полициска операција, со цел расчистување на кривичните дела кои се однесуваат на организирање група за вршење кривично дело криумчарење мигранти, кои преку грчко-македонската граница остваруваат нелегален влез на територијата на Република Северна Македонија, по што од членовите на криминалната група се прифаќаат и превезуваат до Кумановско-липковскиот Регион.

Според соопштението, криминалистичката истрага над организираната 20-члена криминална група со дефинирана структура и строга хиерархиска поставеност, како и над еден полициски службеник кој ја помагал криминалната активност на групата, е започната од мај 2018 година.

Се вели дека е поднесена кривична пријава против вкупно 21 лице поради основано сомнение за сторени кривични дела: „Организирање на група и поттикнување на извршување кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и криумчарење мигранти“, „криумчарење мигранти“ и „помагање“ во врска со истото кривично дело.

Во соопштение се додава дека најголем број од лицата илегални мигранти кои биле криумчарени од страна на групата, биле по потекло од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и од други земји од Блискиот и Далечниот Исток, кои претходно престојувале на територијата на Грција.

Се вели дека се извршени претреси во 20 објекти во Скопје, Штип, Радовиш и Струмица, по што од слобода се лишени вкупно 16 лица, а едно лице е на издржување казна затвор за сторено кривично дело.

Во соопштението се наведува дека при претресите се пронајдени и привремено се одземени бројни патнички моторни возила, мобилни телефонски апарати, марихуана, оружје и муниција, девизи и денари, документи за патување во Грција и други документи.

Приведените се изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна е одредена мерка притвор на 11-мина од кривично пријавените лица. На останатите им е одредена мерка на претпазливост.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.