Балкан

Тензично на протестите во Тирана, повредени демонстранти и полицајци

Протестот се одржува со барања за подобрување на економските услови на граѓаните, почитување на правата на граѓаните, еднаков закон за сите, гаранција на слободни изборни процеси...

Fatjon Cuka  | 16.02.2019 - Обновена : 17.02.2019
Тензично на протестите во Тирана, повредени демонстранти и полицајци Olsi Shehu/АА

Tirana

ТИРАНА (АА) - На антивладиниот протест на опозициските партии во албанскиот главен град Тирана дојде до судир меѓу полицијата и демонстрантите од Тирана и од другите градови низ земјата, при што повредени се демонстранти и полицајци, јавува Anadolu Agency (AA).

Протестот организиран од страна на Демократската партија на Албанија (ПД) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ) се одржува пред седиштето на Кабинетот на премиерот на Албанија во Тирана, додека тензиите започнаа по обидот на демонстрантите да го пробијат полицискиот кордон.

Демонстрантите кон зградата на Кабинетот на премиерот фрлаа со разни предмети како камења и димни бомби, а потоа реагираа и полицијата и гардата на Република Албанија.

Некои демонстранти се качија на скелето поставено пред зградата на премиерскиот Кабинет, оштетувајќи ги стаклата на прозорците и вратите на зградата.

Од друга страна, Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија потврди дека за време на протестите биле повредени двајца полициски службеници и четворица демонстранти кои потоа биле пренесени во болница за лекување.

Според официјалните информации од Демократската партија на Албанија, некои демонстранти се повредени од солзавецот фрлен кон нив.

Според организаторите, протестот се одржува со барање за подобрување на економските услови на граѓаните, почитување на правата на граѓаните, еднаков закон за сите, гаранција на слободни изборни процеси и друго, додека челниците на опозицијата повикаа на предвремени избори.

Генералната полициска дирекција на Албанија презеде дополнителни мерки, мобилизирајќи стотици полициски сили за гарантирање на безбедноста за време на протестот и за спречување на инциденти.

- Реакции за тензиите и насилството во протестот -

Во врска со тензиите на протестот реагираше претседателот на Албанија, Илир Мета, кој на социјалните мрежи напиша: „Следејќи го протестот на опозицијата со особена внимателност, ги повикувам сите на воздржаност за да се избегне конфронтација и насилство. Граѓаните треба слободно да протестираат и треба да се почитуваат институциите.“

Премиерот на Албанија, Еди Рама, на социјалните мрежи реагираше околу настаните во протестот: „Ова не е Албанија, овие не се Албанци.“

Министерот за внатрешни работи на Албанија, Сандер Лешај, исто така излезе со реакција на социјалните мрежи, упатувајќи апел до челниците на политичките партии да го избегнуваат насилството кое се спроведува врз институциите на Албанија.

Меѓу другото, со реакција се огласи и лидерот на опозицијата и претседател на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша, кој во изјава за медиумите за време на протестот истакна: „Граѓаните се повикани од опозицијата со една јасна политичка цел: привремена влада, предвремени избори.“

Во врска со тензиите реагираше и делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Тирана, како и амбасадите на земјите членки на ЕУ во Тирана, кои упатија апел до сите страни да избегнуваат насилство.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın