Балкан

Митровица-Поделен град во кој еднa искра може да го запали пламенот

Според жителите на Митровица, тензиите полека попуштаат, но аналитичарите истакнуваат дека сето тоа е далеку од нормално живеење во еден град. И Албанците и Србите сметаат дека Митровица е жртва на геостратешките цели на големите сили.

Zülfiya Yakup  | 17.02.2019 - Обновена : 18.02.2019
Митровица-Поделен град во кој еднa искра може да го запали пламенот Erkin Keçi/AA

Mitrovica

МИТРОВИЦА (AA) - Иако поминаа 20 години од завршувањето на војната и 11 години од прогласувањето на независноста на Косово, Митровица и понатаму е поделен град. Во јужниот дел на градот живеат мнозинство Албанци, а во северниот, во најголем дел се Срби. Освен тоа што според Планот на Ахтисари за децентрализација на власта, градот е поделен на две општини, Јужна и Северна Митровица, сѐ уште постојат и физички пречки кои го делат градот. Според жителите на Митровица, тензиите полека попуштаат, но и Албанците и Србите сметаат дека Митровица е жртва на геостратешките цели на големите сили, пишува Anadolu Agency (AA).

Главниот мост на реката Ибар, иако е ревитализиран со средства на Европската Унија, не е пуштен за сообраќај на возила, и мостот може да се помине единствено пеш. Иако на мостот нема бетонски пречки како некогаш, на јужната и на северната страна од мостот секогаш е стационирано по едно возило на италијанските карабињери, а присутни се и редовни патроли на Полицијата на Косово. Пензионерот Драган Илиќ, кој пред војната живеел во јужниот дел на Митровица, истакнува дека слабо контактира со поранешните колеги Албанци, но оценува дека тензиите попуштаат.

„Комуникацијата, шетањето, заминувањето во јужниот дел, доаѓањето од јужниот во северниот дел, тоа е сосема нормално. Народот поинаку гледа, малку попушти ситуацијата во однос на минатите години“, вели Илиќ.

Според него, единствениот излез за Косово е разграничувњето, но многу тешко ќе се најде оригинално решение, со оглед на тоа што на Косово, јужно од реката Ибар, живеат голем број Срби. Илиќ истакнува и дека ниту Србите, ниту Албанците, за ништо не се прашуваат, и дека тоа ќе го решаваат светските сили.

Сава Спасојевиќ, пензионерка која работела во Трепча, во Митровица живее 40 години. Таа вели дека безбедносната ситуација не е лоша, дека жителите се движат и северно и јужно, но дека проблемот е во тоа што Србите потајно заминуваат, бидејќи тешко се доаѓа до работа. Сава наведува и дека Србите и Албанците соработуваат, дека има и дружење, но дека многу од работите не зависат од народот.

„Јас би сакала да биде мирно, да нема војна, да останеме каде што сме, да работат децата, да сме повеќе... Што ќе биде понатаму, ќе видиме“, нагласува таа.

Средновечниот Зимер Исмајли живее во населбата Бошњачко маало, во северниот дел на Митровица. Според неговото мислење, градоначалникот на Јужна Митровица, Агим Бахтири, не морал да ја покренува неодамнешната петиција за обединување на градот, бидејќи желбата на граѓаните за обединување е позната, но дека поделбата не требало да биде дозволена. Исмајли, исто така смета дека не требало ниту да се војува, ако сега треба да дојде до корекција на границата со Србија.

„Зошто да дадеме, не ни треба Европа ако мораме да дадеме територија. Значи, треба да дадеш територија за некој да те признае. Европа игра еднострани игри, на Србија ѝ дава подарок, а изврши масакри“, вели Исмајли.

Гзим Мурати е 28-годишно невработено лице од Митровица. Тој нагласува дека во неговиот град владее голема сиромаштија и невработеност, особено меѓу младите кои се дискриминирани од страна на централните и локалните институции. Мурати додава дека за северниот дел на градот не се знае дали институционално му припаѓа на Косово или на Србија.

„Во овој момент не гледам дека нешто се средува. Тука можеби е повеќе американско и европско геостратешко прашање и тие можеби нешто можат да направат. Се гледа дека Владата се залага да обезбеди подобра иднина за овој град“, вели Гзим.

Како што истакнува, неговото семејство пред војната имало продавница во северниот дел од градот, која не ја продало, мислејќи дека ќе може да ја отвори, но дека тоа засега не е возможно затоа што Србите се сега мнозинство во северниот дел.

Рамиз Зекерија, припадник на турската заедница, живее во северниот дел од градот и истакнува дека има многу промени во сите сфери на животот, но дека сѐ уште го нема најважното, а тоа е да владее мир и луѓето да дишат слободно. Според неговото мислење, за тоа не се виновни ниту Вучиќ, ниту Тачи, ниту Харадинај, бидејќи за тоа решаваат поголеми сили.

„И албанскиот и српскиот народ сакаат да живеат во мир, како што и некогаш живееле, а тоа е веројатно и цел на сите тие договори, кои не даваат никакви позитивни резултати и народот живее онака како што живее, но во глобала сите се незадоволни. Политичарите се мачат, но изгледа дека до позитивни резултати тешко се доаѓа“, вели Зекерија.

- Радаковиќ: „Петиција за обединување на градот, Митровица ја враќа назад“ -

Директорот на Центарот за застапување на демократска култура од Северна Митровица, Душан Радаковиќ, во изјава за АА вели дека со процесот на децентрализација на власта градот е поделен на две општини, Јужна и Северна Митровица. Како што наведува, пред децентрализацијата градот бил во блокада или во фаза на нефункционалност, бидејќи многу институции кои функционирале пред 1999 година останале во јужниот дел од градот, како што се Општината, водоводот, автобуската станица, додека на северот останале болницата и Здравствениот дом.

Радаковиќ вели дека со последната иницијатива на градоначалникот на Јужна Митровица, Агим Бахтири, за покренување петиција за обединување на градот, Митровица на многу лош начин се враќа назад.

„Бидете сигурни дека ниту еден граѓанин на Северна Митровица тоа не би го потпишал, а јас дури знам и Албанци кои живеат во северниот дел кои не се за таа иницијатива. Мислам дека тоа е лош начин, затоа што се враќаме на некои други работи, некои други проблеми, на конфликтната приказна, а не разговараме за демократија, за некој живот, за заедништво, некаква иднина кон која треба да тежнееме на тој пат кон ЕУ кон кој треба да одиме“, вели тој.

Радаковиќ истакнува дека покрај иницијативата за обединување на Митровица, власта во Приштина покренала уште неколку работи, како што се таксите и судењето за воени злосторници во отсуство, што спречува демократичност и подобар живот на граѓаните.

„Доста нешта тука функционираат на подобро и затоа што државата Србија финансира голем број луѓе преку плати, преку Универзитетот кој е импулс на овој град, имаме 10.000 студенти кои тука живеат, се хранат и плаќаат. Меѓутоа, граѓаните сѐ уште не ги чувствуваат благодетите кои треба да ги дадат институциите од Приштина. Никаков план на интеграција на населението на северот немаме, не говорам само за српската заедница, туку за сите заедници. Никогаш не видовме план на Владата колку згради планира, колку училишта, градинки, фабрики, граѓаните имаат потреба од таква идеја, план, а Митровица е град во кој едно чкорче пали пламен, и потоа имаме проблеми и на мостот, и интерни и меѓуетнички“, вели Радаковиќ.

- Спахиу: „Обединувањето на градот е нереално“ -

Политичкиот аналитичар и сопственик на Радио-телевизија Митровица, Неџмедин Спахиу, во разговор за АА вели дека од војната поминале повеќе од 20 години, дека воените рани почнале да исчезнуваат и дека постои соработка помеѓу граѓаните таму каде што има можност, но дека сето тоа е далеку од нормално живеење во еден град.

Спахиу вели дека и понатаму постојат и физички бариери и дека локалната власт на општина Северна Митровица се грижи да има што помалку контакти помеѓу жителите Албанци и Срби и помеѓу двете општини. Аналитичарот Спахиу оценува дека градот Митровица е жртва на политички игри на глобално и регионално ниво, но и на невнимание на косовската политичка класа, која дозволила Србија преку Митровица да го држи цело Косово.

„Во Митровица се концентрирани сите природни ресурси и поради нејзината геостратешка позиција, цело Косово е зависно од неа. Фактички, поделбата на Митровица претставува на некој начин девалвација на суверенитетот и независноста на Косово“, вели Спахиу.

Тој додава дека градот е поделен и административно и физички и дека обединувањето на градот сега се чини нереално. Меѓутоа, Спахиу потсетува дека сега има поединци кои наместо за идејата за обединување на Митровица, промовираат идеја за поделба на Косово, а дека таа поделба би можела да значи дека Косово и Србија на половина ќе ги поделат градот Митровица, езерото Газивода и Трепча.

„Такво нешто би било фатално за Косово и се надеваме дека за такво нешто не се договориле Америка, Русија и Србија, а јас не верувам дека политичките лидери од Косово знаат за што се разговара. Единствено за што се знае дека Американците сметаат дека каков и да биде договорот, претседателот Тачи ќе го потпише без читање“, вели Спахиу.

Истовремено, Радаковиќ смета дека разграничувањето помеѓу Косово и Србија е тешко изводливо, и дека во овој контекст најмногу се спомнува можноста градот Митровица да добие статус на дистрикт, како Брчко во Босна и Херцеговина.

„Јас секогаш сум за договор. Договорот нема алтернатива, договор треба да се постигне со разговор на српската и албанската заедница, да имаме договор со Владата на Косово и со Владата на Србија, бидејќи едностраните потези можат да имаат далекусежни лоши последици. Мора да се најде баланс во сето тоа“, заклучува Радаковиќ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın