????? ??????????
24 Ноември 2015•Ажурирај: 24 Ноември 2015
ГЕВГЕЛИЈА (АА) – Економските мигранти кои веќе неколку дена се наоѓаат во меѓузоната на мекдонско-грчката граница и денеска продолжија со протестите. До сега не јадеа бидејќи штрајкуваа со глад, а од денеска штрајкот го продолжија со зашиени усти, јавува Anadolu Agency (AA).
Сеад Махуд од Иран за АА вели дека не отстапуваат од намерите да бидат пропуштени да транзитираат низ земјата.
“Прво ја блокиравме пругата, а подоцна штрајкувавме со глад. Денеска десетина Иранци си ги сошија устите и додека не ни ги отворат вратите ќе продолжиме. Ние не дојдовме овде да јадеме и да пиеме, сакаме само Македонија да ни ги отвори границите. Овде сите мислат дека само бегалците се во тешка ситуација, но и ние веќе 40 години имаме проблеми со владата”, изјави Сеад Махуд.
“И во Пакистан има војна и секој ден се соочуваме со бомбашки напади, затоа навистина не ми е јасно зошто не сакаат да не пуштат. Тие мислат дека ние сме терористи, но ние не сме тоа”, вели Али од Пакистан.
На прашањето зошто дел од мигрантите си ги сошиле устите, Шамураби вели дека тоа го направиле во знак на протест против полицијата која цело време им велела да замолчат.
“Попрво би умреле тука, отколку да се вратиме назад”, вели Шамураби од Бангладеж.
Состојбата во прифатниот камп денеска беше мирна и без поголеми промени.
Од Црвен крст велат дека околу 100 бегалци побарале медицинска помош од кои најголем број биле жени и деца. Во моментот во кампот има околу 350 мигранти, а се пропуштаат помали групи кои подоцна ќе бидат транспортирани со воз до Табановце.