политика

Северна Македонија и Грузија воспоставија дипломатски односи

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Димитров и министерот за надворешни работи на Грузија, Залкалиани, го потпишаа Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји

Furkan Abdula  | 16.02.2019 - Обновена : 16.02.2019
Северна Македонија и Грузија воспоставија дипломатски односи Фото: МНР на РСМ

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Република Северна Македонија и Грузија денеска го потпишаа Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија се наведува дека за време на Минхенската безбедносна конференција, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров и министерот за надворешни работи на Грузија, Давид Залкалиани, го потпишале Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји.

Како што се истакнува во соопштението, двајцата министри изразиле очекување дека овој чин претставува вовед во отворање ново поглавје во билатералните односи, интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

„На средбата беа разменети мислења и за актуелни теми од регионален и глобален интерес. Притоа, министерот Залкалиани упати честитки за потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО и го поздрави севкупниот напредок на нашата земја во процесот на евроатлантските интеграции, изразувајќи надеж дека и Грузија ќе успее да го изоди истиот пат кон остварување на своите надворешно-политички приоритети“, се вели во соопштението на МНР.

Се нагласува дека во рамки на досегашното учество на Минхенската безбедносна конференција, Димитров остварил билатерални средби со Розмари ди Карло, потсекретар за политички прашања на ОН и со Карин Кнајсел, министер за надворешни работи на Австрија, а на маргините на настанот, разговарал и со претставници на Хрватска, Бугарија, Албанија, Кипар, Белгија и од Обединетото Кралство.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.