Davit Kachkachishvili
05 Декември 2015•Ажурирај: 05 Декември 2015
ТБИЛИСИ (АА) - Поранешниот грузиски претседател и сегашен гувернер на украинската провинција Одеса Сакашвили Михаил, на кој вчера официјално му е поништено грузиското државјанство, изјави дека овој чекор е направен со цел да му биде оневозможено да се кандидира на изборите во Грузија следната година, јавува Anadolu Agency (АА).
Сакашвили во изјава за грузиската телевизија "Рустави 2", изјави дека неговиот пасош бил конфискуван по барање на поранешниот грузиски премиер.
"Владата сака да го спречи моето учество на парламентарните избори во 2016 година", изјави Сакашвили, додавајќи дека зад параванот на овие случувања се наоѓаат рускиот претседател Владимир Путин и премиерот Дмитриј Медведев.
Тој рече дека владата на Грузија од почетокот се обидувала да го уапси па затоа бил приморен да ја напушти земјата и да отиде во Украина.
"Можат да ми го одземат пасошот, но не можат да го променат фактот дека јас сум Грузиец, ниту мојата љубов кон Грузија. Ние ќе се вратиме и ќе победиме заедно", изјави Сакашвили.
Михаил Сакашвили по претседателските избори во 2013 година ја напушти земјата, а со оглед на тоа што по него е распишана потерница, веќе не се врати во Грузија.
Грузискиот суд го обвини Сакашвили и неколку негови соработници за злоупотреба на службената должност и проневера. Исто така е обвинет за насилно сузбивање на анти-владините протести во 2007 година.