Furkan Abdula
16 Февруари 2019•Ажурирај: 17 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Обединетите нации (ОН) ја заменија референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“ (ПЈРМ, односно FYROM), со името Република Северна Македонија во списокот на признати држави објавени на нивната интернет-страница, јавува Anadolu Agency (AA).
Промената во ОН е извршена на 14 февруари во вечерните часови. Министерството за надворешни работи истата вечер ги достави вербалните ноти до ОН со кои информира за настанатите промени со името на земјава.
„Република Северна Македонија, согласно обврските од Конечната спогодба, ги достави трите вербални ноти: Вербална нота од Постојаната мисија до Протоколот на ОН, Вербална нота од Постојаната мисија до земјите членки и земјите набљудувачи на ОН и Вербална нота од Министерството за надворешни работи до сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, со кои се информира за настанатите промени“, информира тогаш Министереството за надворешни работи на Северна Македонија.