Emine Dalfidan
18 Јануари 2016•Ажурирај: 19 Јануари 2016
АНКАРА (АА) - Обединетите нации го повторија повикот за итно преземање на мерки со цел евакуирање на 400 лица од сирискиот град кој е под опсада, и да им се помогне на илјадниците луѓе кои веќе со месеци преживуваат хуманитарна драма поради опсадата, јавува Anadolu Agency (AA).
"Тие луѓе мора под итно да се евакуираат бидејќи во спротивно се соочени со голем ризик од умирање поради потхранетост и недостаток од лекови", изјави заменик-генералниот секретар на ОН и координатор на хуманитарните активности на таа организација, Стефан О'Браен.
Градот Мадаја се наоѓа северозападно од Дамаск и веќе неколку месеци е под опсада и блокада на сириската војска, лојална на режимот на претседателот Башар ал-Асад и силите на Хезболах.
Потсетувајќи дека по долготрајните преговори со сириски официјални лица, минатата недела ОН испрати два конвоја со хуманитарна помош, О'Браен рече дека хуманитарците на ОН во тој град затекнаа вистинска катастрофа.
"На тие луѓе им треба помош, но итно, веднаш, сега. Сите страни мора да го прифатат тој факт. Доста беше. Мораме да дојдеме до тие луѓе и да ги доставиме сите неопходни ресурси за преживување", порача високиот пратеник на ОН, О'Браен.
Укажувајќи на фактот дека во Мадаја луѓето и децата умираат од глад, недостаток од вода, лекови и хигиенски средства, О'Браен истакна дека е многу важно сите земји од светот, координирано да се вклучат во акцијата за спасување на загрозениот народ, како во Мадаја, така и во останатиот регион на со војна зафатената Сирија.
"Би сакал, кај сите завојувани страни во Сирија, да видиме дека го разбираат фактот дека давањето надеж и воспоставувањето на мир е единствен начин да му се помогне на сирискиот народ кој со години живее во страв и немаштија.
Иднината на Сирија е факт и за тоа нема расправа, но на сите Сиријци мора да им се даде можност да се вратат во своите куќи и да ја градат таа нова Сирија. За такво нешто мора да се седне на маса и да се прифати мир", заклучи О'Браен.