Abdula Berisha
12 Март 2020•Ажурирај: 13 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на техничката Влада на Република Северна Македонија (РСМ), Оливер Спасовски организираше координативна средба со лидерите на политичките партии во врска со моменталната состојба со коронавирусот во земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
По завршувањето на координативната средба, премиерот Спасовски одржа прес-конференција на која истакна дека сите лидери имаат заеднички став дека здравјето на граѓаните е најважно, потенцирајќи дека сите тие ветија дека ќе покажат одговорност.
„Исклучително, суштински е важно да се почитуваат препораките, заклучоците и одлуките на Владата донесени врз основа на стручните тела за справување со коронавирусот во Министерството за здравство. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија и ова е уште една причина за одговорност на сите нас“, додаде Спасовски.
Премиерот рече дека секоја земја има право да донесе автентични мерки, додавајќи дека се разгледуваат дополнителни мерки кои треба да ги зајакнат постоечките.
„На седница на Владата што ќе ја одржиме денеска ќе го разгледаме предлогот на епидемиолозите за забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на бројот на присутни граѓани. Ќе го разгледаме и предлогот кафетериите и рестораните да работат скратено и со намален капацитет на гости“, истакна Спасовски.
Тој рече дека е „наша одговорност“ да ги спроведеме препораките, нагласувајќи дека партиите и политичките лидери имаат поголем степен на одговорност.
Во Северна Македонија, предвремените парламентарни избори се закажани на 12 април, а предизборната кампања официјално ќе започне на 23 март. Премиерот Спасовски ги повика политичките партии да ја приспособат предизборната кампања на мерките што ги предлагаат институциите.
„Многу е важно, сите политички партии да покажат одговорност пред здравјето на граѓаните, да ги следат препораките на институциите и нивните активности, и кампањата за изборите да ја приспособат врз основа на она што е препорачано во мерките од страна на институциите“, изјави Спасовски.
Во врска со можноста за одложување на изборите, тој рече дека тоа останува да се одлучи во зависност од развојот на настаните во иднина.
По завршувањето на координативната средба, изјави дадоа и лидерите на политичките партии, кои рекоа дека на почетокот на кампањата, според препораките, нема да одржуваат митинзи и дека повеќе ќе бидат ориентирани кон кампањата преку социјалните мрежи.
Покрај премиерот Спасовски, на состанокот присуствуваа и вицепремиерите Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Бујар Османи, министерот за здравство, Венко Филипче и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
На состанокот исто така присуствуваа и претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев; на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски; на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети; на Алијансата за Албанците, Зијадин Села; на Движењето БЕСА, Билал Касами; заменик-потпретседателот на Алтернатива, Љуљзим Алију, заедно со партиските делегации.
Потсетуваме дека вкупниот број потврдени случаи со коронавирусот во Северна Македонија е 9, од кои една пациентка се излекува.