Furkan Abdula
17 Март 2020•Ажурирај: 18 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, на негово барање вчера, во вечерните часови, телефонски разговараше со холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Разговорот се одржа во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ, којшто е предвиден за 24 март, а на кој ќе се разгледува донесувањето на одлуката за отпочнување пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, Блок го информирал Димитров дека во писмото до холандскиот Парламент, холандската Влада ги споделува наодите на Европската комисија дека Владата на Северна Македонија продолжила да испорачува опипливи и одржливи резултати во однос на условите поставени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година.
„Блок уште еднаш истакна дека Холандија смета дека Северна Македонија треба безусловно да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ, односно дека по донесувањето на Законот за јавно обвинителство не постојат никакви пречки за почеток на преговорите“, се наведува во соопштението.
Меѓу другото, министерот Димитров од своја страна ја реафирмирал заложбата на Северна Македонија за продолжување на зацртаниот реформски пат во однос на евроинтеграциите, а биле разменети и информации и за мерките против коронавирусот и ситуацијата на границите низ Европа.