Ekipa
01 Септември 2020•Ажурирај: 02 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија сузби тричлена терористичка група која делувала на територијата на државата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството соопшти дека во соработка со Агенцијата за национална безбедност и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција презело оперативно тактички мерки и активности и ги привела припадниците на групата.
Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Министерството поднел кривична пријава против Б.А. (28) од Куманово, кој престојува во Скопје, за сторено кривично дело „терористичка организација“ и „тероризам“, како и против В. А. (22) и Е. Љ. (25), двајцата од Куманово, за истите кривични дела.
Министерството соопшти дека лицата се рецидивисти, односно повратници, лица кои претходно за стореното кривично дело „Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“ се правосилно осудени и издржале казна затвор.
„На почетокот на 2019 година, А.Б. создал терористичка/злосторничка организација во која членуваат В.А., Е.Љ. и уште неколку лица и заедно формирале злосторничка организација „ќелија“ со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера на изведување на терористички акт на цели на територија на Република Северна Македонија', се наведува во соопштението.
Членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголема количина на оружје, муниција и воена опрема. Пронајдени се пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач RD 40мм, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС), марама со испишани арапски букви.
Извршени се претреси на вкупно четири локации на подрачјето на Куманово и Скопје.
Од Министерството беше соопштено дека од извршените претреси пронајдени и одземени се два појаси рачно изработени исполнети со прашкаста материја (експлозив), метални кугли (лагери) монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурач за експлозивна направа, лап-топ компјутер, девет мобилни телефони, сим картички, електронски уред со објектив, две USB-а, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви, ПМВ Ауди А-3“.