Admir Fazlagikj
04 Јуни 2017•Ажурирај: 05 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев им ја честиташе победата на ракометарите на Вардар, чиј тим е нов европски првак откако вечерва во Келн во финалето на ракометната Лига на шампиони, го совлада францускиот ракометен клуб Пари Сен Жермен со 24:23, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Честитам на ракометарите на Вардар кои го донесоа ракометот на Македонија, повторно на врвот на Европа. Во име на граѓаните на Македонија ви благодарам што сите нас жне направивте горди и среќни. Игравте со срце на теренот", се наведува во честитката од премиерот Заев.
„Првото место што го освоивте вечерва на финалниот натпревар во Лигата на шампиони, ќе биде врежано во меморијата на ракометот и на спортот во Македонија како пример за генерациите што доаѓаат, дека се е остварливо низ тимска работа, упорност и посветеност", вели премиерот Заев во честитката додавајќи дека ова е само почеток на успесите што ќе се множат во иднина.
„Имам силна верба дека ова е само почеток на успесите што ќе се множат, во ракометот, во спортот и во животот во Република Македонија", порача премиерот Заев на ракометарите и на граѓаните по вечерашната победа на македонскиот ракометен клуб Вардар, кој го совлада Пари Сен Жермен во финалето кое се одржа во германскиот град Келн.
Европската титула на Вардар ја слават и граѓаните кои излегоа на улиците во чест на ракометните прваци.