Adel Ömeragic
05 Јуни 2017•Ажурирај: 05 Јуни 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Црна Гора денес формално ќе стане 29. членка на НАТО. Со депонирање на инструментот на Северноатлантскиот договор кај Владата на САД, која е депозитар на овој договор, оваа најмала балканска држава за помалку од 11 години преговарање со НАТО, од членство во Парнерството за мир станува полноправна членка на НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалните односи меѓу Црна Гора и НАТО започнаа на 29 ноември 2006 година, со повикот на Црна Гора за членство во Партнерството за мир (ПЗМ).
- Повик за МАП 2009 година -
Откако е остварен видлив напредок низ Индивидуалниот партнерски акциски план (ИПАП), Црна Гора на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата, во декември 2009 година доби повик за Акцискиот план за членство (MAP), механизам којшто се доделува на земјите-партнери што имаат аспирации да станат полноправни членки на НАТО.
Влегувајќи во нова фаза на односите со НАТО, Црна Гора пристапи кон изработката на Годишните национални акциски планови (АНП), кои претставуваат механизам за следење на напредокот во државата во спроведувањето на реформите и помина низ пет циклуси на МАП.
Како што неодамна беше соопштено од Владата на Црна Гора, НАТО го препозна континуираниот напредок на оваа земја, што е потврдено и со декларацијата од Самитот во Лисабон во 2010 година и декларацијата од Самитот во Чикаго, 2012 година.
- Посебен статус за Црна Гора меѓу двата самита на НАТО -
Црна Гора во јуни 2014 година се најде пред вратите на НАТО кога министрите за надворешни работи на Алијансата одлучија да отпочнат со интензивирани и фокусирани разговори со Црна Гора, со обврска до крајот на 2015 година да увидат дали се задоволени условите за упатување повик за членство.
Оваа одлука е потврдена на Самитот во Велс, во септември 2014 година, со што Алијансата направи преседан во спроведувањето на политиката на отворени врати и за првпат на една држава ѝ додели посебен статус со одлуката за членството на Црна Гора да се одлучува меѓу два самита.
Периодот на разговори со Алијансата помина во спроведување на реформите во секторот за одбрана и безбедност, владеење на правото и јакнење на поддршката на јавното мислење. Тоа резултираше со позитивен резултат на Министерскиот самит на НАТО, 2. декември 2015 година, кога на Црна Гора ѝ беше упатен повик за членство во НАТО.
По формалниот повик за отпочнување на пристапните преговори на Црна Гора со НАТО, во средината на февруари 2016 година, во Брисел успешно се завршени пристапните преговори. Со тоа се стекнаа услови за подготовка на Протокол за пристап на Црна Гора во НАТО, кој е потпишан на Министерскиот состанок на 19 мај 2016 година, од страна на министрите, иако беше вообичаена практика ваквите протоколи да ги потпишуваат амбасадорите. Со чинот на потпишување на Протоколот се стекнаа услови Црна Гора како поканета држава да учествува на сите состаноци на НАТО, а за првпат во тоа својство и на самитот на НАТО во Варшава.
- Протоколот ратификуван во сите земји-членки -
Протоколот за пристап на Црна Гора во НАТО е ратификуван во сите членки на оваа организација за период од една година. Парламентот на Црна Гора го потврди договорот за членство во НАТО на седницата во Цетиње, одржана на 29 април 2017 година. На Самитот во Брисел, одржан на 25 мај, Црна Гора учествуваше како нова членка на НАТО.
Со денешното депонирање на инструментот на Северноатлантскиот договор кај Владата на САД, која е депозитар на овој договор, Црна Гора формално станува 29. членка на НАТО, а знамето на Црна Гора во седиштето на НАТО ќе биде подигнато на 7. јуни.