Husamedin Gina
12 Март 2019•Ажурирај: 13 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Бујар Османи, денеска присуствуваа на промоцијата на извештајот на работата на Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал, јавува Anadolu Agency (AA).
Центарот е формиран со одлука на Владата во 2014 година, меѓутоа, како што рече министерот Спасовски, сѐ до септеври 2017 година не биле преземени никакви активности за негова имплементација и операционализација.
„Сево ова го гледам како голем и важен предизвик пред сите нас, за коешто верувам дека со системски пристап и со заедничко залагање ќе успееме да го имплементираме како целосно оперативен модел во остварувањето на приоритетните општествени стремежи за воспоставување ефикасен систем за справување со криминалот, според стандардите на една модерна и европска држава“, рече Спасовски, додавајќи дека Центарот отпочна и со меѓународна размена на информации, што претставува еден значаен сегмент во сузбивањето на организираниот и сериозен криминал.
„Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал беше една важна алатка за воспоставување на систем за борба против организираниот и сериозен криминал“, рече вицепремиерот Бујар Османи, додавајќи дека Центарот е изграден според стандардите и вредностите на ЕУ.
Османи, истакнувајќи дека синоќа во Букурешт бил на состанок со министрите за Европа, нагласи:
„И навистина можам да кажам дека Република Северна Македонија е ѕвездата на регионот и ѕвездата на Европа, не само во поглед на исполнувањето на политичките критериуми, меѓутоа и во делот на испораката на реформите“, рече Османи, истакнувајќи дека сега треба да се искористи секој ден и секоја минута за да не се остави простор да се уништи историската шанса да се започнат преговорите со ЕУ.
Во Националниот координативен центар партиципираат Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција и за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи и Јавното обвинителство.
За работата на Центарот обезбедени се просторно, административни и материјално технички услови.