ПРИШТИНА (АА) - На вонредната седница на Собранието на Косово, пратениците на опозициските партии упатија низа критики на адреса на Владата поради неконтролираното трошење на парите од државниот буџет наменет за непредвидени трошоци, додека премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, изјави дека само е продолжена практиката на претходните влади и дека сите одлуки за тие средства се транспарентни, јавува Anadolu Agency (AA).
Вонредната седница на Собранието на Косово се одржува на барање на 44 пратеници од опозициските партии на Демократскиот сојуз на Косово, движењето „Самоопределба“ и Алтернатива поради одлуката на Владата на Косово за издвојување на финансиски средства од државните резерви.
Како иницијатор на дебатата, пратеникот на Демократскиот сојуз на Косово, Дритон Селманај, рече дека вонредната седница на косовското Собрание била свикана бидејќи не бил добиен формален одговор од Владата или од другите инструменти за парламентарен надзор врз трошењето на државните резерви.
Тој рече дека Владата на Рамуш Харадинај, од почетокот на неговиот мандат вовела лоша практика со сопствени одлуки да троши големи суми пари од државните резерви без планирање, критериуми за вредност, без финансиска анализа на буџетот и дека тие одлуки имаат само една цел „да ги исполнат изборните апетити на премиерот и неговата коалиција ПАН“.
Селманај истакна дека според законот, парите од државните ресурси се предвидени за итни и непредвидени случаи, и дека оваа Влада очигледно ги злоупотребува јавните пари.
„Само за периодот од преминот на 2017 во 2018 година, Владата донесе повеќе од 60 посебни одлуки, кои ја сочинуваат сумата од 8,387 милиони евра од буџетската линија за непредвидени средства. Истата практика се случува оваа година. За само два месеца, јануари-февруари 2019 година, повеќе од 1,7 милион евра беа издвоени со владините одлуки, вклучувајќи го и издвојувањето на 500 илјади евра за реализација на активностите по повод одбележувањето на 11-годишнината од независноста на Косово. Така, за само два месеца, околу 50 отсто од средствата наменети за државната резерва беа потрошени од страна на Владата“, рече Селманај.
Тој го постави прашањето како е можно Владата да не можела да испланира за славење на независноста, претходно преку редовни буџетски трошоци. Тој, исто така, имаше забелешка за висината на издвоената сума, која е многу повисока отколку во претходните години, и побара од Владата да објасни како се потрошени овие пари.
Селманај наведе дека Владата минатата година издвоила 500 илјади евра за одбележување на 550-годишнината од смртта на албанскиот национален херој Ѓорѓи Кастриот Скендербег. Тој, исто така, наведе и голем број други одлуки на Владата за распределба на пари од државните резерви, кои законски не припаѓаат на оваа буџетска линија, додека нема пари за надомест на штета на граѓаните од природни катастрофи.
Селманај сугерираше косовското Собрание на крајот од дебатата да усвои резолуција која би имала две точки: Владата веднаш треба да престане да троши пари без критериуми и без да го почитува Законот за трошење јавни пари, и за една недела владината канцеларија да подготви извештај за избор на компании кој извршиле активности и еден детален извештај за начинот на трошење пари за три настани, по повод одбележувањето на годишнината од независноста на Косово за 2018 и 2019 година, како и по повод одбележувањето на 550-годишнината од смртта на Скендербег.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека на прославата на одбележувањето на 11-годишнината од независноста на Косово се потрошени само 175.000 евра и дека остатокот од парите ќе бидат вратени во буџетот и дека тој веќе побарал да се направи внатрешна ревизија по јавната дебата за тоа како биле потрошени парите. Според него, во 2016 година, повеќе од 8 милиони евра биле издвоени од државните резерви, иако тоа била година без избори, додека во 2017 година биле потрошени околу 7 милиони евра од резервите.
„Ова е практика на претходните влади на ПДК, ЛДК, сега и на Владата на Харадинај. Сите одлуки што се носат, се транспарентни и некои од овие одлуки не се исклучоци“, рече премиерот на Косово.
Сафете Хадерѓонај, пратеничка од владејачката Демократска партија на Косово, изјави дека свикувањето на такви вонредни седници без аргументи е само со цел да се подигнат тензиите. Таа рече дека таков начин на трошење јавни пари не се разликува многу од претходните влади.
Во исто време, шефот на пратеничката група на опозициското движење „Самоопределување“, Глаук Коњуфца, рече дека е шокантно трошењето пари од резервите за прослава на независноста на Косово, но и издвојувањето на пари од тој фонд за лобирање на претседателот на Косово, Хашим Тачи.
„Како е можно државата Косово да даде стотици илјади евра за лично лобирање на претседателот? Дали претседателот го стави тоа како услов за коалиција или за што станува збор? Секогаш кога ќе побара пари, да му се даде од косовскиот буџет, за што, за неговата лична книга и за неговото лично лобирање“, рече Коњувца.
Пратеничката на опозицискиот Социјалдемократски сојуз, Шчипе Пантина, исто така изрази загриженост во врска со неконтролираното трошење пари од државните резерви и побара со резолуција да се побара одговорност од надлежните.