Ivana Ramadanova
17 Март 2016•Ажурирај: 18 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Стечајните работници од Куманово, заедно со колегите од останатите градови, од денес повторно на улица. Тие бараат од надлежните институции и Владата системско решавање на проблемите на 4.000 стечајци, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателката на Синдикатот на стечајните работници, Љиљана Георгиевска, доколку во најскоро време не се реши проблемот на стечајците, тие ќе започнат со интензивни протести, блокирајќи ги патарините, граничните премини и улиците низ Скопје.
Протестот го започнавме пред зградата на Сојузот на синдикатите, каде побаравме оставка од претседателот на ССМ, Живко Митревски, бидејќи тој како прв човек на оваа институција не презеде никакви мерки за оваа категорија на работници, не повикувајќи ниту еден стечаец да се врати на работа или да се обештети, изјави Георгиевска.
Стечајците потоа се упатија пред Законодавниот дом од каде што побараа Собранието што побрзо да донесе Закон за обештетување на стечајните работници.
„Доколку пратениците не го изгласаат овој Закон со кој стечајчите ќе бидат обештетени, за нас нема да има избори. Ако сето ова не вроди со плод и не се најде некое соодветно решение, координаторите на стечајните работници за време на изборите ќе бидат пред Владата и ќе штрајчуваат со глад”, додаде Георгиевска.
Стечајците порачаа дека институциите заедно со Владата треба да им помогнат на оваа категорија на луѓе, додавајќи дека подобро е да им се придружат на бегалците од Сирија, за да добијат некоја привилегија, отколку да се дел од државата во која никој за нив не се интересира.
Според претседателката Георгиевска, на денешниот протест беа присутни стечајци од Куманово, Кочани, Крива Паланка и Гостивар. Таа истакна дека тука има луѓе кои се симпатизери на сите партии и никој не носи партиско обележје, бидејќи, како што таа рече, никого од нив не го интересира партијата, туку парите кои државата им ги должи.