Feyza Süsal,Can Erözden
07 Март 2016•Ажурирај: 08 Март 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го критикуваше денес доцнењето на исплатата на финансиската помош во вредност од три милијарди евра, кои ѝ ги вети Европската унија (ЕУ) на Турција со цел да се избори со бегалската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Врз основа на договорот потпишан во ноември минатата година, Турција се сложи дека ќе ги зајакне напорите во запирањето на приливот на бегалци кон Европа, додека ЕУ вети пакет финансиска помош за скоро три милиони бегалци, кои моментално престојуваат во Турција, како и заживување на преговорите на Турција за пристапување во ЕУ и воведување на безвизен режим за турските државјани.
„Ни ветија дека ќе ни дадат три милијарди евра, а оттогаш поминаа четири месеци. Нашиот премиер сега е во Брисел. Се надевам дека тој ќе се врати со ветените финансии”, изјави Ердоган на собирот одржан по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената.
„Ни велат, не пропуштајте ги бегалците'. Во ред, но не сме ние оние кои ги испраќаат бегалците. Тие доаѓаат преку море, како што гледате. За жал, многумина од нив умираат. Турција има спасено близу 100.000 бегалци на море”, додаде Ердоган.
Според официјалните податоци, Турција од почетокот на граѓанската војна во Сирија, во текот на скоро пет години, одвои девет милијарди долари за да згрижи скоро три милиони бегалци од со војна зафатените земји. Како земја што прифати најголем број на бегалци, УНХЦР на Турција ѝ додели помош во износ од 455 милиони долари.
Досега, скоро 126.000 лица преку Турција имаат пристигнато во Грција, што е значително повеќе во однос на истиот период минатата година кога пристигнаа само 10.500. Од Меѓународната организација за миграции наведуваат дека од почетокот на годината, на источната медитеранска рута настрадале вкупно 321 лица.