Ivana Ramadanova
06 Мај 2016•Ажурирај: 07 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Со свечена церемонија Министерството за внатрешни работи денеска во касарната Илнден го одбележа 7-ми Мај, Денот на полицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод одбележувањето на овој ден, се обрати Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој обраќајки се на полицијата истакна дека оваа професија бара многу сериозност, одговорност, подготвеност и пожртвуваност. Тој додаде дека Македонската полиција денес, како никогаш порано, се наоѓа пред историскиот предизвик, чија што единствена цел е - изградба на институција што во секој поглед ќе биде безбедносен гарант, сервис на сите граѓани на Република Македонија.
"Денес, како никогаш до сега вие сте под огромен притисок. Секој ден од почеток да избирате помеѓу одговорноста и прагматичноста, помеѓу достоинството и егзистенцијата, помеѓу храброста и исплатливоста. Секојдневно повторно од почеток, да докажувате дека полицаецот е човек кој зад униформата не ја крие својата човечност, зад штитот не ја крие својата правичност, а зад шлемот не го крие разумот", рече Спасовски.
Спасовски истакна дека му е голема чест да биде на чело на една таква институција како што е Министерството за внатрешни работи, која е не е само стожер на безбедноста на едно општество, туку е и дом на храбри, чесни и искрени професионалци.
"Сите ние сме обврзани, во име на нашите поранешни колеги кои своите професионални кариери и личен интегритет ги вградија во Министерството за внатрешни работи. Уште поголем е нашиот долг кон семејствата на нашите колеги кои, своите животи ги вградија во Министертвото за внатрешни работи. На крајот првенствено заради нив, имаме обврска да го чуваме мирот и спокојот на нивните, но и на нашите деца и да продолжиме да ја градиме безбедноста и иднината на сите граѓани во оваа држава. Така ќе му покажеме на светот, на нашите пријатели, ЕУ и САД, дека сме кредибилен пријател и партнер во иднината што заедно ќе ја споделуваме", додаде Спасовски.
На денешното одбележување на 35 години од ЕСЗ беше отворена спомен – куќа во која меѓу другото се поставени и биографиите на загинатите припадници на полициските „Тигри“.
По повод 7-ми мај – Денот на македонската полиција, денеска Спасовски и претставници на семејствата на загинатите припадници на полицијата, положија цвеќе пред споменикот на загинатите припадници на полицијата во кругот на Министерството.