Adel Ömeragiç
06 Мај 2016•Ажурирај: 07 Мај 2016
БУДВА (АА) - Шестиот "To Be Secure" (2BS) форум по ред, меѓунардната конференција која се занимава со прашањата на глобалната и трансатланската безбедност свечено е отворен денес во Будва, јавува Anadolu Agency (AA).
Под називот „Глобална безбедност - предизвици и одговори”, шестиот 2БС Форум оваа година ќе се занимава со некои од најголемите предизвици на меѓународната и регионалната безбедност во оваа деценија. Ќе се дискутира за иднината на НАТО, бегалската криза, односите на Русија со Западот, изборите во Америка и влијанието на американската надворешна политика, ДАЕШ, како и за глобални и регионални безбедносни прашања кои се од значење за сојузниците и партнерите во пресрет на самитот на НАТО во Варшава.
Претседателот на Владата на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кој го отвори собирот, рече дека членството на Црна Гора во НАТО ќе допринесе за европската стабилност и дека Црна Гора ќе обезбеди вратите на Алијансата да останат отворени за регионот.
Тој истакна дека е многу горд што во воениот вртлог на деведесетите, Црна Гора избегна такво сценарио.
„Имаше многу предизвици, но вистинските предизвици се пред нас. Но тоа нас не нè плаши”, рече Ѓукановиќ.
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Црна Гора, Маргарет Ен Ујехара, истакна дека Црна Гора за две недели во Брисел ќе потпише протокол за прием во НАТО, по што ќе присуствува на седниците на оваа организација.
„Црна Гора направи големи чекори, ја обнови својата независност, го отвори стопанството за странски капитал”, рече Ујехара.
На 2БС Форумот учествуваат голем број на официјални лица од регионот но и пошироко. Воведниот говор за првиот панел ќе го одржи заменикот генерален секретар на НАТО, амбасадорот Александар Вершбоу.
На собирот учествува и министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, кој ќе зборува на панелот посветен на заштитата на границите на Европската Унија и Југоисточна Европа во рамките на бегалската криза.
На форумот учествуваат и министрите за надворешни работи на БиХ и Албанија, Игор Црнадак и Дитмир Бушати, министерката за одбрана на Црна Гора Милица Пејановиќ-Ѓуришиќ, кандидатот за генерален секретар на ОН Игор Лукшиќ, Суај Алпај, заменикот-министер за одбрана на Турција како и членови на невладиниот сектор. Иако беше најавено дека на Форумот ќе учествува министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, тој го откажа учеството на овој собир.
На вториот ден од 2БС Форумот, на претседателската дискусија „Заедничка безбедност - заедничка одговорност”, на учесниците ќе им се обрати претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ и претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.