Vesna Besic
31 Јануари 2025•Ажурирај: 01 Февруари 2025
САРАЕВО (АА) - За денеска е најавен бојкот за купување во шест земји од Западен Балкан поради поскапувањето на прехранбените производи, јавува Анадолу.
Акцијата на бојкот за купувањето во супермаркетите што започна од Хрватска, исто така се прошири и во Северна Македонија. Еднодневниот бојкот е планиран за денес, а како што истакнуваат иницијаторите на акцијата на социјалните мрежи, бојкотот на големите супермаркети треба да биде реакција на драстично зголемените цени.
Оваа акција, исто така се прошири и во другите земји од Балканот, како што се Словенија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
„Ова е начин да го покажеме нашето незадоволство од поскапувањето на храната и енергенсите, а платите на граѓаните останаа ниски. Еден ден бојкот може да испрати силна порака“, се вели во пораката која се шири на социјалните мрежи и на интернет-форумите.
Дека ваквите акции можат да бидат успешни покажува и примерот од Хрватска. Од тамошната даночна управа соопштија дека бројот на издадени сметки минатиот петок во продавниците е помал за 44 отсто, а износот за цели 53 отсто во однос на неделата пред тоа.
Поради оваа причина, потрошувачката платформа „Ало, инспекторе“, која ја започна иницијативата, ги повика граѓаните на уште посилен бојкот и воздржување од секаков вид купување производи.
Ова не е единствениот резултат од бојкотот. Ден пред бојкотот, еден од најголемите хрватски трговски центри најави трајно намалување на цените на 250 домашни производи. На граѓанската постапка реагираше и Владата на Хрватска која донесе одлука за ограничување на цената за 70 производи, од кои 40 нови.
Во оваа земја вчера започна најавениот еднонеделен бојкот на трговските синџири Лидл, Еуроспин и ДМ и на три производи - кока-кола и други газирани пијалаци, флаширана вода и детергент за садови.
Во Сараево утрово во овој период од денот има помалку луѓе во трговските објекти од вообичаено, но дали бојкотот бил успешен ќе се знае во текот на денот.
Градските кафулиња и утрово имаа гости, иако во бојкотот беа наведени и угостителските објекти.
И во Црна Гора денес започна еднодневен бојкот на големите продавници, на кој ги повикаа невладините организации и синдикатот, поради високите цени на прехранбените производи.
Маркетите во неколку црногорски градови утринава се речиси празни. Невладиното здружение „Алтернатива Црна Гора“ ги повика жителите на таа земја без исклучок да ги бојкотираат сите големи продавници во Црна Гора и порача дека тоа нема врска со политика, туку дека високите цени подеднакво ги погодуваат сите граѓани.
Здружението за заштита на потрошувачите „Ефектива“ ги повика граѓаните на Србија да го бојкотираат купувањето во пет трговски ланци поради, како што наведоа, екстремно високите цени на производите.
Според коментарите на социјалните мрежи, српските граѓани се согласуваат дека бојкотот е неопходен.
Податоците од државните даночни управи ќе покажат дали и колку граѓаните се грижат за запирање на растот на и онака високите цени на производите.