Admir Fazlagic
16 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Управата на полицијата на Црна Гора потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември и истиот ден ја напуштил земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„По повод наводите кои се објавени во медиумите, како и интересот на медиумите за ова прашање, а кои се однесуваат на тоа дека порашешниот премиер на Македонија Никола Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември 2018 година, заради вистинито информирање на јавноста соопштуваме дека Никола Груевски влегол во Црна Гора на наведениот ден и истиот ден излегол од Црна Гора. Црногорската полиција во овој случај во потполност ги испочитувала законските процедури", соопштено е од Управата на полицијата на Црна Гора, објави државната црногорска телевизија РТЦГ.
Претходно, полицијата на Албанија вечерва се огласи во врска со тврдењата за преминот на поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, официјално потврдувајќи дека тој излегол од граничниот премин Хани и Хотит во Скадар, кон Црна Гора.
Во соопштението на Генералната дирекција на полицијата на Албанија се наведува дека Груевски користел возило во сопственост на унгарската Амбасада во Тирана.
Потсетуваме, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во вторникот преку својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде што од унгарските власти ќе побара политички азил.
По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кое распиша меѓународна потерница за Груевски.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес, вреден 570 илјади евра.