Seda Sevencan
24 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Мехмет Захид Собаџи, генерален директор на турската државна телевизија ТРТ, ги повика европските радиодифузери на соработка во борбата против тероризмот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на самитот за медиуми на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) 2022 во Истанбул, Собаџи рече дека јавните радиодифузери се важни организации кои силно ќе се борат против загадувањето на информациите и против дезинформациите, но дека нивната одговорност не е ограничена само на нив.
„Треба да ја подигнеме свеста на јавноста за радикализацијата, нееднаквоста на приходите, глобалниот тероризам, сајбер безбедноста и еколошките проблеми. Како јавен емитер на Турција, кој ја води најсилната битка против глобалниот тероризам, повикуваме на силна соработка за заедно да застанеме против тероризмот без оглед на изворот или целта“, нагласи тој.
Укажувајќи на успехот и глобалниот интерес за драмските серии на ТРТ, Собаџи рече:
„Турција е втор најголем извозник на ТВ серии по САД.“
Истакна дека сериите на ТРТ, копродукциските филмови и цртаните филмови се многу барани и дека работат на лансирање на меѓународна дигитална видео платформа на ТРТ во наредните месеци.
„Оваа дигитална платформа и новата содржина што ќе се произведува ќе овозможат потенцијална копродукција со членовите на ЕБУ, а ќе ни овозможи да ја искористиме можноста за соработка со ЕБУ-мрежата на предкупување“, додаде Собаџи.
Наведувајќи дека ТРТ се прослави и на полето на кинематографијата преку меѓународна соработка, додаде дека ТРТ во последните три години копродуцирала филмови и освоила речиси 275 награди на над 300 домашни и меѓународни фестивали како што се во Кан, Берлин и Локарно.
На дводневниот самит кој започна вчера, а чиј домаќин е ТРТ, се собраа околу 200 високи медиумски раководители од 41 земја на ЕБУ.
ЕБУ, основана со цел обединување на јавните радиодифузери во Европа, се смета за еден од најважните светски синдикати на јавни емитери.