Husamedin Gina
06 Август 2021•Ажурирај: 07 Август 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска ги распиша локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври 2021 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Собранието Џафери веднаш по потпишувањето на Решението за одржување на локалните избори, во Собранието на Република Северна Македонија одржа прес-конференција.
„Денес го потпишав Решението за распишување на избори за членови на Советите на општините и Советот на Градот Скопје, за градоначалници на општините и за градоначалник на Градот Скопје. Согласно законската рамка и роковите утврдени во Изборниот законик, локалните избори ќе се одржат на 17 октомври 2021 година“, истакна Талат Џафери.
Според претседателот на Собранието Џафери, Решението кое е потпишано денес, согласно утврдените рокови и пракса, ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Северна Македонија, надлежно тело за спроведување на изборите.

Истакнувајќи дека изборната кампања за локалните избори ќе започне 20 дена пред денот на одржување на изборите, Џафери рече дека во текот на кампањата Собранието нема да одржува пленарни и комисиски седници, а со тоа ќе им се овозможи на политичките партии и нивните кандидати целосно да се посветат на изборната кампања и на барањата на граѓаните.
„Од надлежните институции очекувам да обезбедат избори на ниво кое што се очекува од земја-членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ. Апелирам до сите учесници на изборниот процес целосно да го почитуваат Уставот, законите, и да се однесуваат согласно Етичкиот кодекс, како и да осигурат дека кампањата и самиот ден на изборите ќе се одвиваат во духот на демократијата, фер изборен процес и еднаквост на сите граѓани“, рече Џафери.
Тој исто така додаде дека не ја исклучува можноста за свикување на итна седница на Собранието во тие 20 дена, доколку состојбата во државата го наложи тоа.