Admir Fazlagic
18 Октомври 2016•Ажурирај: 18 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски го потпиша решението за распишување на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 декември оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Дозволете да Ве известам дека во согласност со уставните и законските одредби, како претседател на Собранието на Република Македонија го потпишав решението за распишување на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 декември оваа година", изјави Вељаноски соопштувајќи дека го потпишал решението за распуштање на Собранието.
„Со овој чин, а во согласност со правилата на претставничката демократија, мандатот повторно му го враќаме назад на народот кој, впрочем е единствениот, врховен и најлегитимен авторитет да суди, да оценува и да одлучува која политичка опција треба да ја добие честа, но и обврската да ја води нашата држава.
Во меѓувреме, Република Македонија, ќе влезе во еден сложен период на засилена активност на политичките партии, кој, искрено верувам, дека ќе помине во една зрела, достоинствена и одмерена атмосфера чиј врв ќе бидат изборите на 11 декември кога ќе треба во еден празничен изборен дух да бидат избрани народните преставници кои ќе го сочинуваат следниот, деветти состав на македонскиот законодавен дом", истакна претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски.
Меѓу другото, Вељаноски упати благодарност до пратениците, новинарите, до Службата на Собранието, како и до сите домашни и меѓународни пријатели за соработката и за квалитетот на односите што е изграден изминатиот период.
„Искрено верувам дека успеавме да ја оправдаме нивната доверба и покрај сите тешкотии со кои се соочувавме како резултат на политичката криза во која беше доведена државата", рече Вељаноски.
Исто така, тој изрази уверување дека Република Македонија „ќе го положи својот демократски испит на зрелоста и дека ќе се искачи на едно ново квалитативно ниво, што впрочем претставува основна цел на сите политички субјекти".
„Искрено верувам дека во следните близу 2 месеца, сите ние кои ќе се ангажираме за изборите на 11 декември, пред нас ќе го имаме денот потоа кога повторно ќе треба да седнеме и заедно да продолжиме онаму каде застанавме претходно", потенцираше Вељаноски.
Распишувањето на изборите е овозможено по вчерашната одлука на пратениците за распуштање на Собранието на Република Македонија, со што се овозможува одржување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, согласно договорот на лидерите на четирите најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, за надминување на политичката криза.