свет

„Не постојат докази дека Хамас ја краде хуманитарната помош во Газа“, објави Европска комисија

- „Хуманитарната помош никогаш не смее да биде приватизирана, политизирана или претворена во алатка на конфликт“, изјави портпаролката на Европската комисија, Ева Хрнчирова.

Melike Pala  | 07.07.2025 - Обновена : 07.07.2025
„Не постојат докази дека Хамас ја краде хуманитарната помош во Газа“, објави Европска комисија

БРИСЕЛ (АА) – Европската комисија денес соопшти дека не постојат докази дека Хамас ја краде хуманитарната помош наменета за цивилите во Газа и состојбата во енклавата ја опиша како „катастрофална“, јавува Анадолу.

Говорејќи на брифинг, портпаролката на Комисијата, Ева Хрнчирова, одговори на прашања во врска со обвинувањата дека палестинската група Хамас ја злоупотребува хуманитарната помош.

Таа истакна дека „нема извештаи дека Хамас ја краде помошта“ и нагласи дека Европската Унија останува посветена на независните и неутралните хуманитарни принципи.

„Не ја криеме ситуацијата во Газа, која е катастрофална и многу комплексна“, реле Хрнчирова и додаде: „Но имаме систем што е воспоставен. Имаме инфраструктура за испорака на помош во Газа и тој систем треба веднаш да се искористи за да им се помогне на луѓето во Газа што гладуваат.“​​​​​​​

Таа потенцираше дека ЕУ продолжува да се потпира исклучително на воспоставените меѓународни хуманитарни организации.

Хрнчирова изјави дека хуманитарната помош никогаш не смее да биде приватизирана, политизирана или претворена во алатка на конфликт и дека поради таа причина не соработуваат со Хуманитарната фондација за Газа.

Европската комисија продолжува да ги повикува израелските власти да им овозможат пристап на нејзините хуманитарни партнери во Газа.

Хуманитарната фондација за Газа, која е поддржана од Израел и САД, функционира во Појасот Газа од 27 мај.

Според податоци на Обединетите нации, последните два месеца израелската војска убила стотици Палестинци во близина на пунктовите за дистрибуција на помош со кои управува оваа фондација.

Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНВРА) заедно со повеќе од 170 невладини организации, меѓу кои Оксфам, Амнести интернешнл и Лекари без граници (МСФ), потпишаа заедничка изјава со која бараат прекин на „смртоносната израелска шема за дистрибуција на помош, вклучително и т.н. Хуманитарната фондација за Газа“ и враќање на координацијата под водство на Обединетите нации.

Од октомври 2023 година Израел уби повеќе од 57.000 Палестинци во Газа, најголем број од нив жени и деца.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.