Израел го проширува военото присуство во јужниот дел на Сирија со 10 бази, жителите се раселени
По падот на режимот на Асад, Израел прво изгради бази во рамките на тампон-зоната во селата Џубата ал-Хашаб, Курс ал-Нафал и Ал-Кахтанија во Кунејтра, како и една надвор од зоната во селото Квдана.

ДАМАСК/ИСТАНБУЛ (АА) – Израелската армија последните три месеци воспостави шест нови бази во јужните сириски провинции Кунејтра и Дараа, дополнително проширувајќи го своето воено присуство прекршувајќи го Договорот за раздвојување од 1974 година, по падот на режимот на Башар ал-Асад, јавува Анадолу.
Веднаш по падот на режимот Израел ги интензивираше воздушните напади низ Сирија и ги прошири своите воени операции надвор од окупираната Голанска Висорамнина и во демилитаризираната тампон-зона – област прогласена за неутрална според договорот склучен по Војната на Јом Кипур во 1973 година.
Базите што ги изгради Израел вообичаено се наоѓаат во близина на стратегиски ридови и крстосници на главни патишта, особено оние во руралниот дел на Кунејтра, кои се дизајнирани да ги надгледуваат блиските села.
По падот на режимот на Асад, Израел прво изгради бази во рамките на тампон-зоната во селата Џубата ал-Хашаб, Курс ал-Нафал и Ал-Кахтанија во Кунејтра, како и една надвор од зоната во селото Квдана.
Последните три месеци дополнителни бази беа воспоставени во селата Ал-Шаџара, Мааpија и Абидин во провинцијата Дараа, како и во Тулул ал-Хумр, Ал-Хамидија и близу браната Мантара во Кунејтра, што претставува континуирано прекршување на договорот за раздвојување.
Со ова вкупниот број израелски воени бази на југот на Сирија достигна 10 од падот на режимот.
Базата во Тулул ал-Хумр сега е најблиска израелска воена база до Дамаск, само 40 километри од сириската престолнина.
Најголема база во регионот останува онаа во Џубата ал-Хашаб.
- Илјадници раселени поради уништени домови
Сè поголемото воено присуство доведе до масовно раселување. Околу 6.000 луѓе побегнале од селото Ал-Хамидија откако израелската војска таму воспоставила база.
Израелските војници пристигнале ноќе и урнале 15 куќи, сведочи Мухамед Али, татко на три деца, кој бил раселен од Хамидија.
„Заминавме само со личните предмети.“
„Дојдоа ноќе за никој да не биде сведок на нивните злосторства. Како народ на Кунејтра, отсекогаш сме биле угнетувани – прво од Асад, сега од Израел. Сè што можам да кажам е: 'Некогаш тука имав дом'.“
Али вели дека израелските војници им рекле на селаните дека ќе се вратат за три дена. „Поминаа шест месеци.“
- Уништени и запленети земјоделско земјиште и шуми
Мухамед Абу Фахид истакнува дека израелските сили оштетиле околу 2.000 дунами (приближно 500 хектари) земјоделско земјиште со копање ровови и окупирање области надвор од договорената тампон-зона.
Условите за живот во Ал-Хамидија се очајни, додаде тој.
„Израел само еднаш или двапати дистрибуираше помош. Луѓето имаат потреба. Отворија мала клиника, но лекувањето го вршат Лекари без граници.“
„Сè што сакаме е да живееме, да ги растеме нашите деца, да ја обработуваме нашата земја и да имаме пристап до вода од браната“, рече тој.
Басел Осман од селото Кан Арнабе истакнува дека израелските сили уништиле шума стара со векови.
„Каде е меѓународната заедница?“, запраша Осман. „Тука животот е запрен. Обновата и туризмот се парализирани.“
- Стравот од безбедносна закана го ограничува движењето на локалните жители
„Луѓето не можат да излезат од своите домови откако ќе се стемни“, вели Ахмет Киван од Џубата ал-Хашаб.
„Израел ја заплени обработливата земја – главен извор на приход за локалното население. Економските услови се влошуваат. Никој не се движи бидејќи не се чувствува безбедно.“
Киван ја обвини меѓународната заедница за рамнодушност.
„Организациите за човекови права мора да дејствуваат.“
Мухамед Мериуд, исто така, од Џубата ал-Хашаб, изјави дека израелските сили рутински поставуваат привремени контролни пунктови и спроведуваат рации.
„Им го оневозможуваат пристапот на земјоделците до нивите, ги уништуваат шумите, упаѓаат во домовите и ги приведуваат младите луѓе“, рече тој.
„Присуството на израелските сили го плаши целиот регион. Нивниот влез мора да се забрани.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.