Aziz Aslan
17 Јули 2018•Ажурирај: 17 Јули 2018
ДИЈАБАКИР (АА) - Турското државно обвинителство покрена истрага против парламентарните пратеници на Народната демократска партија (HDP), Муса Фаришогулари и Ремзије Тосун, кои присуствуваа на погребот на убиенот челник на терористичката организација ПКК, Мехмет Јакишир, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата на обвинителството во Дијарбакир соопшти дека е покрената истрага против двајцата пратеници на ХДП и дека се товарат за пропагирање на терористичката организација ПКК.
Турските безбедносни сили во неделата го убија еден од најбараните терористи на ПКК, Мехмет Јакишир, познат под кодното име „Зејнел“ (Zeynel). Тој се сметаше за лидер на терористичката организација.
Министерството за внатрешни работи на Република Турција соопшти дека турските безбедносни сили во неделната антитерористичка операција на периферијата на источната област Ѓумушхане, убиле најмалку двајца терористи на ПКК, меѓу кои и Јакишир, водач на ПКК во црноморскиот регион, познат и под кодното име „Зејнел“ (Zeynel).
Станува збор за терорист кој се наоѓал на „црвената листа“ терористи во Турција. Тој во август минатата година во Трабзон изврши свиреп терористички напад и го уби 15-годишниот Ерен Булбул.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД). За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите убија најмалку 40.000 луѓе.