Jeyhun Aliyev
16 Јули 2018•Ажурирај: 17 Јули 2018
ТРАБЗОН (АА) - МЕЛТЕМ ЈИЛМАЗ -
Турција оствари приход од над 15,9 милиони долари по извозот на над 3.706 тони мед во 33 земји во првата половина од 2018 година, покажуваат податоците на Асоцијацијата на извозници од источниот црноморски регион (DKIB), јавува Anadolu Agency (AA).
Турција ги зголеми количините на извоз на мед за 64 отсто од јануари до јуни, во однос на истиот период минатата година, и забележа 77 отсто пораст на вредноста, споредбено со истиот период минатата година.
Податоците покажуваат дека првите три најголеми купувачи на турскиот мед се Германија, Соединетите Американски Држави (САД) и Кралството Саудиска Арабија.
Германија го зазема првото место со купен мед во износ од 7,94 милиони долари, а потоа следуваат САД (3,4 милиони долари) и Саудиска Арабија (936.298 долари)
„Вкупно 22 тони мед во износ од 146.120 долари е извезен од источниот регион на Црното Море за Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и за Катар, во периодот од јануари до јуни“, велат од Асоцијацијата на извозници од источниот дел на Црното Море (DKIB).
Претседателот на Асоцијацијата, Сафет Калјонџу за АА изјави дека регионот покажал интерес за одгледување костени и високопланински цветен мед.
„Во последните години, извозот на турскиот мед како брендиран производ, започна да се развива од ден на ден сè повеќе, како резултат на предностите кои ги нуди богатата флора и епидемичниот растителен диверзитет кои ги нуди нашата земја“, додаде тој.
Калјонџу истакна и дека турскиот мед главно се извезува во Германија, САД и Саудиска Арабија, додека најголем раст на извозот е регистриран во Шпанија и Оман.
„Нашиот извоз постојано се зголемува и веруваме дека ќе стигнеме до многу подобра позиција до крајот на годината“, рече Калјонџу.
Според податоците на Асоцијацијата, Турција во текот на минатата година остварила приход од 23,8 милиони долари од извозот на мед во 45 земји во светот.