Burak Bir
04 Август 2020•Ажурирај: 05 Август 2020
АНКАРА
Турција ја осуди неодамнешната изјава на Министерството за надворешни работи на Бахреин, во која беа критикувани забелешките дадени од турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Соопштението издадено од Министерството за надворешни работи на Бахреин за одговорот на турскиот министер за одбрана Хулуси Акар на прашањата за време на интервјуто емитувано на ‘Ал Џезира’, не ја отсликува вистината“, се вели во соопштението издадено од турското Министерство.
Акар за „Ал Џезира“ во петокот изјави дека Обединетите Арапски Емирати извршиле злонамерни дејствија во Сирија и Либија, и дека ОАЕ ќе бидат повикани на одговорност во вистинско место и време.
Во неделата, Министерството за надворешни работи на Бахреин ја опиша изјавата на Акар како „непријателска“ и „неприфатлива провокација“.
„Неуспешен е обидот да се карактеризираат дестабилизирачките активности што ги спроведува администрацијата на Абу Даби со кршење на универзалните правила и моралните вредности во региони како Сирија, Либија, Јемен и Африканскиот рог, како конструктивни и да се одразува нашата легитимна реакција на овие активности како против нашите арапски браќа“, велат од турското министерство.
„Арапскиот народ се наши пријатели и браќа“, се нагласува во соопштението.
Осврнувајќи се на земјите кои го поддржуваат Калифа Хафтар во Либија, Министерството соопшти дека регионалниот мир, стабилноста и безбедноста можат само да се одбранат со залање за спроведување на законот и легитимноста, а не со пучистите.
Нагласувајќи дека односите меѓу Турција и Либија датираат пред повеќе од 500 години, во соопштението се вели дека Турција дејствува со принципот „Либија е либиска“ и целта на Турција е независна и суверена Либија предводена од Владата признаена од ОН.
Турција одлучно ќе продолжи да спроведува воена обука и да обезбедува помош и консултации за либиската влада, се додава во соопштението.
Во Либија владее граѓанска војна од соборувањето на лидерот Моамер Гадафи во 2011 година. Новата Влада на земјата е формирана во 2015 година во рамки на договорот склучен со посредство на ОН, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на водачот на силите од источниот дел на Либија, Калифа Хафтар, кој е поддржан од Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Легитимната Влада на Либија од април минатата година е под напади на силите на Хафтар, во кои загинаа над 1.000 лица.
Турција продолжува да ја поддржува меѓународно призната Влада, но Хафтар е поддржан од Русија, Франција, Египет и ОАЕ.