Güç Gönel
27 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, потсетувајќи на државниот удар од пред 61 година, порача дека државните удари биле обиди за запирање на воспоставувањето супериорност на националната волја во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган говореше на состанокот на претседателите на градските одбори на Партијата за правда и развој (АК Партија), одржан на „Островот на демократијата и слободата“, отворен минатата година на островот Јасиада, во водите на Мраморното Море, токму на годишнината од државниот удар од 1960 година.
Станува збор за остров на којшто во 1960 година им е судено на членовите на Демократската партија, пред специјалниот суд формиран од воената хунта по извршувањето на државниот удар на 27 мај истата година. Судењето резултира со егзекуција на двајца поранешни министри и премиерот Аднан Мендерес.
Островот е претворен во меморијал посветен на Аднан Мендерес и неговите соработници, каде што се наоѓаат музеи, спомен-соби и други експонати кои покажуваат детали од еден од најмрачните периоди на модерна Турција, а беше отворен минатата година.
„Државниот удар од 1960 година, прв во низата пучеви поради кои Турција плати висока цена, и понатаму е отворена рана во срцето на нашата нација, и покрај фактот што поминаа 60 години“, рече Ердоган.
Тој потсети дека пучистите не се воздржувале од ништо, па дури ни од тоа поради своите амбиции да ја запалат целата земја, од рушење на демократијата и развојот на Турција. Како што рече, тоа било случај со сите државни удари, вклучително и со обидот за пуч ноќта на 15 јули 2016 година, кој преку своите поданици инфилтрирани во државните институции, првенствено во војската, се обиде да го изведе терористичката организација ФЕТО, на кој се спротивстави турскиот народ.
Ердоган најави интензивни активности за усогласување на текстот на новиот Устав на Турција на крајот на 2021 година.
„Исклучително позитивно ќе биде усвојувањето на новиот Устав на Турција со големо мнозинство во Парламентот, а потоа и давањето на граѓаните за одлука“, рече турскиот претседател, истакнувајќи дека доколку за новиот Устав нема широк консензус, ќе следува референдум на кој последната одлука ќе ја дадат граѓаните.
Ердоган ги посочи и успесите на Турција во наоѓањето нови резерви на природни извори на енергија, пред сѐ природен гас.
„Турција во последниот месец откри нафта во три нови бунари, започнавме да произведуваме нафта од бунарите што порано беа бетонирани под изговор дека се празни“, рече Ердоган.