Ekip
21 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
АФРИН/АНКАРА (АА) - Во Сирија, турските вооружени сили (ТСК) заедно со Слободната сириска војска (ССА), во рамките на операцијата „Маслинова гранка“ напредуваат кон Африн, подрачје во близина на турската граница, кое се наоѓа под окупација на терористичката организација ПЈД/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите добиени од репортерите на АА од теренот, оклопните возила на ТСК, специјалните сили и пешадијата успеале да навлезат пет километри во длабочина на подрачјето на Африн.
Во текот на напредувањето немаше сериозни судири.

Турските вооружени сили вчера во 15:00 часот по средноевропско време ја започнаа операцијата врз седум подрачја во Африн, при што се погодени 153 цели на ПЈД/ПКК.
Во соопштението што го објави Генералштабот се наведува дека Турција ја започнала операцијата врз основа на правата кои произлегуваат од меѓународното право, одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации во борбата против тероризмот и конвенцијата на Обединетите нации во која се наведува правото на самоодбрана, почитувајќи го територијалниот интегритет на Сирија. Во соопштението се наведува дека цел на напади се само позициите на терористите, истакнувајќи дека за да не им се нанесе никаква штета на цивилите, преземени се сите видови безбедносни мерки.
Во јули 2012 година, режимот на Асад без судири им го препушти Африн терористите на ПЈД/ПКК. Оттогаш тоа подрачје преставува место во кое оваа терористичка организација најмногу се вгнезди за време на граѓанската војна во Сирија. Поради високиот планински релјеф, центарот на Килис и значителен дел на Хатај на турската територија, се наоѓаат во дострел на терористичката организација во Африн. Организацијата долги години ги користи планините Аманос за премин од Сирија во Турција. ПЈД/ПКК се обидува да излезе на Средоземното Море преку Африн, сместен во северозападниот дел на Сирија. Терористичката организација, преку Африн претставува закана за „Штитот на Еуфрат” и подрачјето без судири во Идлиб.
Терористичката органзиација ПЈД/ПКК под окупација држи една четвртина од територијата на Сирија и 65 отсто од сириско-турската граница.